Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Франција во наредните недели ќе организира состанок на Г7 посветен на енергетските прашања, во услови кога цените на горивата растат поради конфликтот меѓу САД и Иран.
„Во наредните недели ќе одржиме состанок на Г7 фокусиран на енергетските прашања, со цел да ја зајакнеме соработката и да избегнеме непотребни тензии меѓу земјите од Г7 и нашите клучни партнери“, изјави Макрон, а пренесе Capital.ba.
Тој додаде дека состанокот ќе биде можност да се разгледаат опциите за евентуално пуштање во оптек или користење на стратешките резерви на енергенси. Макрон ги даде овие изјави по средбата со претседателските кандидати и лидерите на политичките партии, во пресрет на изборите закажани за следната пролет во Франција.
Макрон нема право да се кандидира за нов мандат, бидејќи веќе двапати ја извршувал функцијата претседател.
Цените на суровата нафта овој месец пораснаа за приближно 20 отсто; конфликтот меѓу САД и Иран продолжува, а Саудиска Арабија беше принудена да затвори голем нафтовод поради нападите од јеменските бунтовници Хути.
Соочена со влошена економска ситуација и растечко незадоволство на јавноста поради трошоците за живот, француската влада се обидува да го ублажи влијанието на растот на цените.
„Ова не е резултат на владини одлуки. Тоа е последица на геополитичката ситуација“, рече Макрон, додавајќи дека постоечките мерки за поддршка ќе бидат преиспитани и прилагодени за да им се обезбеди дополнителна помош на граѓаните. Тој нагласи дека пред да се носат одлуки за јавни расходи од голем обем, мора прво да се решат основните причини за проблемите, предупредувајќи дека дополнителните трошоци би можеле да доведат до поголем буџетски дефицит или повисоки даноци.
„Пред да потрошиме огромни суми пари – пари на даночните обврзници кои на крајот би резултирале или со поголем дефицит или со повисоки даноци – мораме, пред сè, да останеме фокусирани на решавање на основните причини“, заклучи Макрон.












