петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Светиот синод на МПЦ-ОА наместо за барањата на владиката Петар загрижен за...

Светиот синод на МПЦ-ОА наместо за барањата на владиката Петар загрижен за демографската состојба

1222

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во полн состав, одржана на 26 мај 2026 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со животот на нашата Света Црква. Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората, се наведува во соопштението по денешната седница.

-Посебно внимание се обрна на оние показатели кои сведочат за демографската состојба кај македонскиот православен народ. Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод, одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства – се потенцира во соопштението.

Денешното заседание предизвика интерес во јавноста поради најавите на Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар дека ќе бара формирање на нови епархии, пензионирање на митрополитот Јован Вранишкоски, но и обвинувањата кои во изминативе денови упати против неколку синодски колеги – митрополит Пимен, епископи Марко, Јаков и други. Но, околу тоа во соопштението не се наведува ништо.

САС на МПЦ-ОА додава дека разгледувајќи ја состојбата на духовното и културно богатство на македонските храмови и манастири, Синодот со жалење констатираше дека заради немање доволно стручни кадри кои би го конзервирале, тоа се наоѓа во лоша состојба. Светиот Синод апелира до надлежните институции неодложно да преземат соодветни мерки со цел да го зачуваме она што ни е оставено од нашите претходници.

-За нов член во постојаниот (работен) состав на Синодот беше избран Митрополитот Струмички г. Наум, а негов заменик Митрополитот Европски г. Пимен. Исто така, Синодот формира комисија за решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии. Како основач на воспитно-образовните институции при МПЦ – ОА, Синодот ја поздрави работата на Управата на Богословијата, која учебната 2025/26 година спроведе наставна програма од 4 години, а денот за упис на нови ученици ќе биде на 19 јуни 2026 година – стои во соопштението.

Струмичкиот владика Наум во работниот состав на Синодот ,кој има три члена, ќе го замени досегашниот член владиката Петар. Во составот се уште архиепископот г.г. Стефан и Повардарскиот митрополит Агатангел. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ