Европската Унија соопшти дека нејзините дипломати остануваат во Киев и покрај предупредувањето на Русија за нови систематски напади врз украинскиот главен град.
„Заканата на Русија до странските државјани и дипломати да го напуштат Киев е неприфатлива ескалација“, напиша портпаролката на Службата за надворешни работи на ЕУ, Анита Хипер, на платформата „Икс“, додавајќи дека ја повикала вршителката на должноста амбасадор на Москва во блокот, Карен Малајан, да побара од Кремљ „да престане да напаѓа цивили“ и „да се вклучи во вистински мировни преговори почнувајќи со целосен и безусловно прекин на огнот“, пишува „Политико“.
Таа додаде дека Русија се обидува да предизвика страв и изолација.
„Тие сакаат страв и изолација во Украина и на други места, но ние имаме јасна порака: ова нема да функционира“, рече таа.
Повторувајќи ги претходните изјави на шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, Хипер рече дека Русија „губи на бојното поле“ и повторно се свртува кон напади врз цивили и цивилна инфраструктура.
„Овие напади, за жал, се секојдневна реалност за Украина, Киев и нејзините граѓани, но и за нашата делегација на терен“, рече таа.
Таа, исто така, рече дека седиштето на цивилната мисија на ЕУ во Киев било погодено, што го опиша како „неодговорни напади“.
Според Хипер, потезите на Русија покажуваат дека Москва „апсолутно нема никаков интерес за мир“ и покажува „целосно непочитување“ кон мировните напори.
Таа додаде дека ЕУ ќе продолжи да ѝ помага на Украина со дополнителна воздушна одбрана и финансиска помош.
Се очекува министрите за надворешни работи на земјите-членки наскоро да разговараат за дополнителен притисок врз Русија.
Русија во понеделникот ги повика жителите на Киев, вклучувајќи ги дипломатите и вработените во меѓународните организации, што е можно поскоро да го напуштат градот поради планираните „систематски напади“ врз објекти поврзани со украинската воена индустрија.
Москва вели дека ќе бидат цел на објектите за производство на беспилотни летала и командните центри, по нападот во рускиот контролиран дел од Луганската област во кој загинаа 21 лице.
Украина ги отфрла тврдењата на Русија и вели дека таргетира само воена инфраструктура во согласност со меѓународното хуманитарно право.












