среда, јуни 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Свети Николе по 11 пат под адреналин – три дена мотори, рок...

Свети Николе по 11 пат под адреналин – три дена мотори, рок музика и забава

0

Свети Николе и оваа година ќе биде центар на моторџиската и на рок-енергијата во регионот, со претстојното 11. издание на „Мотофест“, кое ќе се одржи од петок до недела. Настанот ќе биде место каде што се спојуваат традицијата, рок- музиката, моторите, пријателството и слободниот дух.

Претседателот на мотоклубот „Свети Николе“, Борче Серафимовски, кој е организатор на овој настан, вели дека се работи за прекрасна традиција што почнала пред 13 години, со нивниот прв мотособир, а целта им била да го одбележат постоењето на мотоклубот на мотосцената во Македонија.

– Овој настан, поради добрата организациска поставеност, секоја година има сè поголема посетеност, така што последниве години го посетуваат повеќе од 20.000 луѓе во текот на трите дена, со 3.000-3.500 мотори – објасни Серафимовски.

Тој најави дека трите дена ќе бидат исполнети и со музика од македонски бендови и диџеи, а како ѕвезди на 11. издание на „Мотофест“ ги издвои групата „Генерација 5“ и Дадо Топиќ.

– Акцентот на музичкиот перформанс на овој традиционален настан е ставен на гостувањето познати групи од поранешна Југославија, со кои пораснале многу генерации. Меѓу нив, на „Мотофест“ имаат продефилирано: „Рибља чорба“, „Бјело дугме“, „Галија“, „Пилоти“, Кики Лесендриќ и други. Со  истата тенденција ќе продолжиме и наредните години, бидејќи тој станува еден од најголемите настани од ваков вид на Балканот – потенцира Серафимовски.

Во рамките на „Мотофест“, в сабота ќе се одржи традиционалното мотодефиле, кое ќе почне во 18:30 часот и во чии рамки моторите ќе возат по улиците на Свети Николе.

– На ова дефиле, вообичаено учествуваат од 800 до 1.000 мотори, што е вистинско задоволство за граѓаните, кои излегуваат од своите домови на улиците за да ги поздрават – истакна Серафимовски.

Од оваа година, на програмата на оваа манифестација е и изложбата на олдтајмери „Citroën 2CV“ – легендарниот „спачак“, која во соработка со „Club 2CV Skopje“, ќе се одржи в сабота, од 16:00 до 18:30 часот, на паркингот пред „Mayberry Highway Hotel“. Љубителите на класичните автомобили ќе имаат можност одблиску да ги видат овие уникатни возила, кои оставиле неизбришлива трага во автомобилската историја.

Како што појасни Серафимовски, настанот е од интернационален карактер, бидејќи, освен од Македонија, ќе има учесници и од соседните земји, поранешните југословенски републики, но и од земји од Европа.

– Со овој настан, воедно ги афирмираме и Општината и градот Свети Николе – нагласи Серафимовски.

Тој додава дека младите сè повеќе покажуваат интерес за ваквите манифестации, но и за моторите, но тие, како организатор на настан од ваков вид, се обидуваат да им укажат на сообраќајните правила и на одговорното учество во сообраќајот, бидејќи, како што заклучи, само со вистинска сообраќајна култура може да се ужива во моторите.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ