Во најновото истражување за движењата на пазарот на недвижности во Европа, објавено според податоци на Евростат, се откриваат значајни разлики во висината на кириите меѓу европските метрополи, при што Скопје се издвојува како град со најниска просечна кирија за двособен стан. Истражувањето, кое се однесува на втората половина од 2025 година, опфаќа ненаместени станови со висок квалитет, при што трошоците за комунални услуги не се вклучени во пресметките.
Според анализата на Евростат, просечната месечна кирија за стан со две спални соби во 40 европски градови се движи од околу 470 евра во Скопје, до дури 3.350 евра во Женева, што ја потврдува огромната разлика меѓу истокот и западот на континентот.
Ако се анализира пазарот на недвижности во Македонија, има јасна нерамнотежа меѓу главниот град и останатите урбани центри, при што Скопје останува најскап град за изнајмување станови, додека помалите градови како Штип и Тетово се значително поповолни за станарите. Просечната кирија за двособен стан во Скопје се движи приближно од 350 до 600 евра месечно, зависно од локацијата. При што централните општини Центар и Карпош се најскапи, додека Кисела Вода и периферијата нудат пониски цени.
Во Охрид цените на кирии се поумерени, но во пораст, особено поради туристичката побарувачка и сезонската динамика. Иако неможе да се направи просек како за Скопје, тамошните цени на кириите постепено растат паралелно со зголемување на цените на квадратот за над 20% во последниот период.
Во Битола, кириите се генерално пониски од Охрид и Скопје, со стабилен, но постепен раст. Градот се смета за еден од поевтините универзитетски и регионални центри, каде побарувачката е стабилна, особено во централните делови. Во Тетово пазарот на кирии е значително поевтин од Скопје, но има тренд на зголемување, особено поради урбанизацијата и побарувачката од студенти и млади семејства. Според регионалните агенции, цените најчесто се движат во понискиот среден сегмент.
Во Штип, пак, пазарот останува еден од најприфатливите во земјата. Кириите се меѓу најниските, што го прави градот атрактивен за студенти, особено поради присуството на универзитетски капацитети и помалата општа побарувачка.
Што се однесува до главните европски престолнини, освен Скопје, меѓу најевтините престолнини се и Приштина со околу 520 евра и Анкара со околу 770 евра, што ја позиционира Југоисточна Европа како регион со значително пониски кирии. Во рамки на Европската Унија, најниски нивоа на кирии се забележуваат во Софија и Никозија, додека Тирана и Букурешт исто така остануваат под прагот од 1.000 евра. Брисел како седиште на европските институции, се наоѓа приближно на средината на скалата со просек од околу 1.450 евра месечно.
Во Евростат пресметале дека највисоки цени се во Лондон, каде што просечната кирија достигнува околу 3.050 евра месечно. Веднаш зад него се Даблин и Стокхолм со просек од околу 2.650 евра, додека во Осло кириите се околу 2.550 евра. Овие градови воедно важат за најскапи во рамките на Европската Унија.
Експертите за недвижности посочуваат дека клучниот фактор за ваквите разлики е нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката на станбен простор, засилена од присуството на меѓународни компании, високо платени работни места и постојан прилив на ново население.
Во големите економии на ЕУ, Париз, се издвојува со просечна кирија од околу 2.500 евра. Берлин бележи околу 1.750 евра, Мадрид околу 1.700 евра, а Рим околу 1.650 евра месечно. Повеќе од 2.000 евра месечно станарите издвојуваат и во Копенхаген, Луксембург, Рејкјавик, Хаг, Берн и Минхен, што дополнително ја нагласува високата цена на домувањето во северна и западна Европа.
Споредбата на кириите не ја дава целосната слика за реалната куповна моќ, бидејќи нивото на платите по држави, значително влијае врз достапноста на домувањето.
(С.Бл.)












