
Израелската телевизија „Кан“, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор, наведува дека Израел би можел да се приклучи на евентуални нови американски напади и да цели на иранската енергетска инфраструктура
Укинување на санкциите, американската поморска блокада и повлекувањето на американските сили од регионот се во извештајот за преговорите со САД и предлозите на Иран, што пред Парламентарниот комитет за национална безбедност ги презентирал заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, пренесоа иранските државни новински агенции ИРНА и ИСНА.
Според извештајот цитиран од ИРНА, Гарибабади го нагласил „правото на збогатување и уживање на мирновременските нуклеарни права“ на Иран. Документот, исто така, ги детализира предлозите за „запирање на војната на сите фронтови, вклучително и во Либан, укинување на американската поморска блокада, ослободување на иранските средства, како и обезбедување надомест за воена штета наметната од САД за реконструкција на земјата“. Понатаму, Иран бара „крај на сите еднострани санкции и резолуции на Советот за безбедност и повлекување на американските сили од периферијата на Исламската Република“, се наведува во извештајот.
Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го оцени „контрадикторното и прекумерно однесување“ на САД како сериозна пречка за дипломатијата, објави ИСНА. За време на состанокот со пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, тој ги навел претходните прекршувања на ветувањата како причини за длабоката недоверба на Иран кон американската администрација, па додал дека учеството на Техеран во дипломатските разговори за завршување на конфликтот произлегува исклучиво од „одговорен пристап“.
Од друга страна, има најави за нови воени судири. Израелски медиуми објавуваат дека нивната војска се подготвува за можни нови судири со Иран. Телевизијата „Кан“, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор, наведува дека Израел би можел да се приклучи на евентуални нови американски напади и да цели на иранската енергетска инфраструктура. Овие информации следуваат по телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој, според истите извори, траел повеќе од половина час и опфатил разговори за можноста од повторно разгорување на конфликтот.











