Шлем, штит, меч, копја и други гробни прилози, меѓу кои и златна фолија се откриени во архајска некропола во Корошишта. Целината претставува исклучително значаен наод за проучувањето на архајскиот период и дополнително го потврдува карактерот и големото научно значење на некрополата, велат од Националниот археолошки музеј. Новите резултати од истражувањето отвораат исклучително важни прашања за археологијата на Охридско-струшкиот Регион и за неговото место во пошироките процеси на Балканот во архајскиот период, особено во однос на веќе познатите богати погребни комплекси од регионот, меѓу кои централно место зазема Требенишката некропола

 

Оружје и предмети изработени од злато, бронза и од килибар меѓу кои, како што ексклузивно дознава весникот ВЕЧЕР, е и златна маска постара од требенишката, се пронајдени во богат војнички гроб од 6 век пред новата ера на локалитетот Расница кај струшкото село Корошишта. Најновите ексклузивни наоди од истражувањата на архајската некропола – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, според првичните согледувања, се постари од исклучителното откритие направено на истиот локалитет во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Пред претставниците на медиумите, пак, сега беа презентирани шлем, штит, меч, копја и други гробни прилози, откриени во недопрен археолошки контекст.

– Целината претставува исклучително значаен наод за проучувањето на архајскиот период и дополнително ги потврдува карактерот и големото научно значење на некрополата во Корошишта, велат од Националниот археолошки музеј.

Директорката на националната институција, Магдалена Манаскова, му честиташе на тимот археолози, предводен од раководителот на истражувањата Перо Арџанлиев, за истрајноста, посветеноста и големиот професионален успех со кој, по втор пат во само две години, македонската археологија се збогатува со откритие од исклучителни размери. Воедно, Манаскова информираше дека досегашните резултати и потенцијалот на локалитетот ја наметнуваат потребата истражувањата на Расница да продолжат како систематски археолошки истражувања, со долгорочна научна програма и соодветен третман на откриениот материјал.

Раководителот на проектот, Арџанлиев, го претстави археолошкиот контекст и значењето на новото откритие. Тој посочи дека станува збор за гроб со исклучително богата и комплетна војничка опрема и дека, според карактеристиките на откриениот материјал и првичната хронолошка анализа, погребувањето е постаро од наодот откриен во 2024 година. Новите сознанија овозможуваат попрецизно согледување на развојот на некрополата, погребните обичаи и статусот на лицата погребувани на овој простор во текот на архајскиот период.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, ја информираше јавноста дека Управата, согласно со своите надлежности, ќе иницира Информација до Владата, со цел да се обезбеди континуитет и соодветно финансирање на понатамошните археолошки истражувања, заштитата и стручниот третман на локалитетот и наодите.

Поддршка за продолжување на истражувањата изрази и градоначалникот на Општина Струга, нагласувајќи го значењето на откритието и за локалната заедница, како и подготвеноста на Општината да даде поддршка во рамките на своите можности и надлежности.

Горан Патчев, директорот на НУ Завод и музеј – Охрид, институција партнер во истражувањата, ја истакна максималната стручна и институционална поддршка за проектот. Новите резултати од Корошишта отвораат исклучително важни прашања за археологијата на Охридско-струшкиот Регион и за неговото место во пошироките процеси на Балканот во архајскиот период, особено во однос на веќе познатите богати погребни комплекси од регионот, меѓу кои централно место зазема Требенишката некропола.

Откритието од 2026 година се надоврзува на резултатите од 2024 година, кога на Расница беше истражена монументална гробна целина со исклучително богат инвентар. Новиот гроб со комплетна војничка опрема покажува дека не станува збор за изолиран наод, туку за археолошки комплекс со извонреден научен потенцијал.

Со продолжувањето на истражувањата, Расница кај Корошишта се наметнува како еден од клучните локалитети за идното проучување на архајскиот период во Македонија и поширокиот регион, а откриените целини допрва ќе бидат предмет на детални археолошки, конзерваторски и интердисциплинарни анализи. (Д. Т.

ИЗДВОЕНИ