понеделник, октомври 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Софија го стави Скопје „на чекање“

Софија го стави Скопје „на чекање“

3

БУГАРСКИТЕ ВЛАСТИ ГО АНАЛИЗИРААТ БАРАЊЕТО, ПОВИКУВААТ НА РАЗГОВОРИ БЕЗ УЛТИМАТУМИ

 

Сè уште нема одговор од Софија на барањето за средба што македонските власти го испратија до бугарската страна, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Додека Скопје очекува потврда, од Софија стигнуваат пораки дека дијалогот треба да се води без ултиматуми и во рамките на европската политика за проширување. Бугарската претседателка, Илијана Јотова, порача дека е умерен оптимист, но дека Бугарија, која е дел од Европската Унија, не може да дозволи „земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон“. Во меѓувреме, премиерот Мицкоски ја оцени како исклучително квалитетна и пријателска средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во однос на конкретната средба со бугарската страна, Мицкоски повтори дека по совет од претседателката на Европската комисија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија побарало средба, но сè уште нема одговор.

– Што се однесува до разговорот, јас ќе повторам, добив совет од страна на претседателката на Европската комисија, кој го прифатив. Го замоливме министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба, тој го направи тоа. Сè уште немаме одговор, кога ќе добиеме, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека Фон дер Лајен позитивно ја оценила работата на Владата во реформите и на патот кон Европската Унија и ги демантираше толкувањата на опозицијата и на одредени медиуми блиски до опозицијата дека изразил незадоволство од нејзините пораки или од застојот на патот кон ЕУ.

– Видете, јас го слушнав тоа од опозицијата и од одредени медиуми блиски до опозицијата. Мислам дека не само што не ја говорат вистината туку и се обидуваат сега и да ја искривуваат вистината. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она што во иднина претставува лична посветеност и посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот што следува. Јас само ќе кажам дека претседателката Фон дер Лајен како никогаш досега рече дека оваа Влада прави инспиративна работа за реформите и за сето она што е посветено на приклучување на државата кон Европската Унија. Така што, јас очекувам дека во периодот што следува, конечно, ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме, истакна денеска Мицкоски.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, коментирајќи го барањето испратено од македонските власти за билатерална средба, изминатиот викенд изјави дека патот на земјава кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања и дека е потребен искрен дијалог. Јотова порача дека е умерен оптимист и оти ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова да ѝ го покаже барањето за средба во Софија.

– За да биде сериозен овој разговор, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во врска со проширувањето на Република Северна Македонија и да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без отстапки од европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти, порача Јотова.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција рече дека посетата на Фон дер Лајен ги разобличила лагите на Христијан Мицкоски за наводната загрозеност на македонскиот идентитет. Тој потсети на изјавите и на ветувањата на Мицкоски за Преспанскиот договор и на потврдата дека договорот го штити националниот идентитет.

– Христијан веќе нема што да лаже. Веќе не може да глуми патриот кој ги штити националните интереси, поради тоа што вистината е дека тие се заштитени и никој, никогаш, на ниту еден начин, нема да може да ни ги одземе. Христијан не е задоволен од посетата, нормално, затоа што претседателката Фон дер Лајен му ја одзеде лагата, рече Филипче.

Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија потврдија дека е побарана средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, која би се одржала неделава, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, истакна дека е добро што повторно ќе има разговори со бугарската страна, но не очекува некаков конкретен напредок. Според него, Бугарија и натаму цврсто стои на своите барања и не покажува простор за отстапки. Тој смета и дека посетата на Урсула фон дер Лајен не донела ништо суштински ново бидејќи со години се повторуваат истите пораки: Македонија да ги прифати поставените услови за да продолжи европскиот пат.

При посетата на земјава минатата недела, во рамките на својата турнеја по земјите од Западен Балкан, Фон дер Лајен порача дека веднаш штом ќе се деблокира ситуацијата со Бугарија, Македонија ќе може да добие патоказ и брзо да се движи напред кон Европската Унија, затоа што земјава веќе интензивно работи на неопходните реформи. Фон дер Лајен рече дека во овој момент патокази добиваат оние држави што веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес и отвораат и затвораат поглавја. Таа ја пофали Македонија за постигнатиот успех со Планот за раст и потврди дека ЕУ ќе ѝ посака добредојде на земјава со нејзините идентитет, јазик и култура.    (В. С. Н.)   

ИЗДВОЕНИ