Од компанијата „Оџаци“ од Скопје тврдат дека само околу пет проценти од скопјани ги подготвуваат оџаците за грејната сезона, што значи дека 95 проценти од оџаците остануваат неисчистени. „Во Скопје има 70.000 оџаци, од нив дали 5 проценти се чистат, дури можеби и 2 проценти“, вели оџачарот Ѓуро Поповиќ. Командантот на скопските пожарникари, Ѕвонко Томевски, вели дека поради неисчистени оџаци, во просек годишно имаат по 100 интервенции

Грејната сезона е на прагот, па се поставува прашањето колку граѓаните, оние што се греат на дрва, ги подготвиле своите оџаци, односно ги исчистиле за и тие и околината да бидат безбедни од појава на пожари, бидејќи секој знае дека неисчистениот оџак е потенцијална бомба, односно причина тој да се запали.
Но, изгледа дека скопјани и не се толку совесни и ажурни кога е чистењето на оџаците во прашање.
Од Друштвото за производство, трговија и услуги „Оџаци“ од Скопје велат дека во овој период имаат најмногу работа и дека дневно чистат по 15 оџаци. Но, сепак, тврдат дека само околу 5 проценти од скопјани ги подготвуваат оџаците за грејната сезона, што значи дека 95 проценти од оџаците остануваат неисчистени.
– Во Скопје има 70.000 оџаци, од нив дали 5 проценти се чистат, дури, можеби, и 2 проценти – вели оџачарот Ѓуро Поповиќ од „Оџаци“.
Тој додава дека, најверојатно, дел самите си ги чистат оџаците, па им останува да се надеваат на редовните муштерии. Вели дека имаат околу 1.000 редовни муштерии.
Според законот, Поповиќ наведува дека оџаците треба да се чистат три пати во годината, и тоа еднаш надвор од грејната сезона и два пати во текот на грејната сезона.
– Би биле презадоволни ако граѓаните и еднаш во годината ги чистат оџаците – потенцира тој.
Но, додава дека токму поради затнатите оџаци секоја година има бројни пожари.
– Не е само опасноста од настанување пожари причина поради која треба да се чисти оџакот, туку и подолгото траење на грејните тела – нагласи Поповиќ.
Тој им порача на граѓаните редовно да ги чистат оџаците, но да не го прават тоа сами, туку да повикаат овластени, специјализирани фирми за тоа, бидејќи само тие може да ги увидат недостатоците на оџакот доколку постојат и да дадат совети.
Цената за чистење оџак се движи од 2.000 денари, па нагоре, во зависност од местоположбата и висината на куќата.
Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, вели дека поради неисчистени оџаци, во просек годишно имаат по 100 интервенции. Според него, проблем претставуваат и неисчистените димоводни канали на угостителските објекти, бидејќи на нив се нафаќаат маснотии што лесно се палат.
И тој потенцираше дека треба да се чистат оџаците два пати во годината, пред почнување на грејната сезона и по нејзиното завршување, и тоа од овластени фирми што издаваат потврди за извршената активност.
(А. П.)












