Жителите на Општина Сопиште добија современо мултифункционално спортско игралиште, реконструирано со поддршка на Министерството за спорт и на Владата, во соработка со Општина Сопиште.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, денеска го пушти во употреба новиот спортски простор, кој се наоѓа спроти општинската зграда.
Игралиштето располага со терени за фудбал, ракомет и за кошарка, современа спортска опрема, трибина и со заштитна ограда, со што на децата, младите и на сите граѓани им се обезбедуваат услови за безбедно и квалитетно спортување и рекреација.
Министерот Ристовски истакна дека изградбата и реконструкцијата на спортската инфраструктура остануваат меѓу приоритетите на Министерството за спорт, со цел современите услови за спортување да бидат достапни во сите општини.
– Секое ново игралиште значи нова можност едно дете да го избере спортот наместо пасивноста. Значи нов простор за младите каде што може да спортуваат и правилно да се развиваат. Без основни услови, не може да зборуваме ни за професионален спорт ни за правилен развој на младите, кои овде ги направат првите чекори во спортот. Како Министерство за спорт, со силна поддршка од Владата, продолжуваме да инвестираме во спортската инфраструктура и да работиме на терен, таму каде што граѓаните ги чувствуваат резултатите – изјави Ристовски.
Тој нагласи дека реализацијата на ваквите проекти е дел од определбата на Министерството за спорт да создава конкретни и долгорочни услови за развој на спортот и за поголема вклученост на младите во спортски активности.
– Ова е насоката во која одиме. Не ветувања, туку реализирани проекти. Не само зборови туку и работа на терен – потенцираше министерот за спорт.
Од Министерството за спорт велат дека и во наредниот период ќе продолжат со реализацијата на проектите за изградба, реконструкција и за унапредување на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел сите граѓани, особено младата популација, да имаат пристап до современ, безбеден и функционален простор за спортување.












