Овие дни чувме за бугарската „историска победа“ по десетгодишниот преговарачки процес за пренесување на моштите на Цар Самуил од Грција во Бугарија. Самата еуфорија кај бугарскиот политички врв покажува дека неуспехот да се побугарчат Македонците во Македонија, Албанија и Косово мора да се покрие со нешто грамадно. Секако, залудно фрлените средства за да се разбуди „бугарската самосвест“ на Македонците, дополнително го зголемуваат незадоволството од катадневните состојби во државата.
Меѓутоа, темата на нашиов текст е поврзана со „топлината“ на грчката кон бугарската потреба за сензационализам, што не е првпат во историјата кога е во прашање македонската историја. Убаво е да се знае историјата за да се знае сегашноста и да се предвиди иднината. Но, по ред.
По завршувањето на Првата светска војна била одржана Париската мировна конференција која започнала во јануари 1919 година, на која главната улога ја имале САД – Вудро Вилсон, Франција – Жорж Клемансо, Велика Британија – Дејвид Лојд Џорџ и Италија – Виторио Орландо. На неа се подготвувале мировните договори со поразените држави: Германија, Австрија, Бугарија, Унгарија и Османлиската Империја.
Покрај мировните договори, на Конференцијата бил донесен и Пакт на Друштвото на народите, кој бил составен дел од мировен договор и кој станал основа за создавање на организацијата наречена Друштвото на народите. Пактот стапил во сила на 10 јануари 1920 година, по што била создадена организацијата како нов систем на колективна безбедност со седиште во Женева, Швајцарија. Еден од главните иницијатори за неговото создавање бил американскиот претседател Вудро Вилсон.
Во текот на работата на Париската мировна конференција пристигнувале меморандуми, апели и барања од македонски организации и претставници. Меѓу барањата биле самоопределување преку плебисцит, присуство на македонски претставници на Конференцијата, различни форми на автономија или независност. Еден апел на Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија барал македонските делегати да бидат примени во Париз и да се гарантира изјаснување на народот за неговиот иден статус.
Но, на Конференцијата не била создадена автономна или независна Македонија, туку останала територијалната поделба воспоставена по Балканските војни.
Од повеќе европски држави било побарано балканските држави, кои добиле дел од македонската територија, да преземат обврски за заштита на населението, кое поради новите државни граници се нашло во положба на национално, јазично или верско малцинство.
Грција презела меѓународни обврски во поглед на заштитата на малцинствата кои подразбирале еднаквост пред законите, слободно користење на мајчиниот јазик и, под одредени услови, можност за образование на јазикот на малцинството.
Бугарија настојувала словенското христијанско население во Егејска Македонија да биде меѓународно признато како бугарско малцинство.
Од друга страна, Кралството СХС не можело лесно да прифати таква квалификација, бидејќи нејзиното прифаќање можело да има непосредни последици и за Вардарска Македонија.
Со цел да ги разрешат своите проблеми со македонското население, била склучена Конвенцијата меѓу Бугарија и Грција за доброволно иселување/размена на населението, потпишана во Неј на 27 ноември 1919 година. Дополнително бил потпишан и Севрскиот договор за заштита на малцинствата што Грција го потпишала на 10 август 1920 година.
Врз основата на овие два документи, во 1924 година Бугарија и Грција доставиле барање до Друштвото на народите за потпишување на заеднички протоколи. Од една страна, бил доставен предлог од грчката влада и прифатен од Советот на Друштвото на народите во врска со заштитата на бугарското малцинство во Грција. Од друга страна бил предлогот поднесен од бугарската влада и прифатен од Советот на Друштвото на народите во врска со заштитата на грчкото малцинство во Бугарија.
Вака прецизно избраната терминологија требало да го избегне фактот дека и во двата случаи станува збор за македонското население од Егејска и Пиринска Македонија.
Барањата на Грција и Бугарија биле разгледувани од Советот на Друштвото на народите, на својата седница од 29 септември 1924 година и одлучил да го прифати.
Протоколот за Грција бил потпишан од Сер Џејмс Ерик Драмонд, првиот генерален секретар на Друштвото на народите и Пол Иманс, претседател на Советот на Друштвото на народите. Во име на грчката држава бил потпишан Николаос Политис, како претставник на Грција во Друштвото на народите.

Протоколот за Бугарија бил потпишан од сер Џејмс Ерик Драмонд, првиот генерален секретар на Друштвото на народите, и Пол Иманс, претседател на Советот на Друштвото на народите. Во име на бугарската држава бил потпишан од министерот за надворешни работи, Христо Калфов.

По потпишувањето на протоколите на 29 септември 1924 година во Женева, во Грција се развила силна политичка реакција. Најспорно било тоа што документот за малцинството во Грција употребувал формулација за „бугарски малцинства во Грција“, што било сфатено како официјално грчко признавање дека словенојазичното население во грчкиот дел на Македонија претставува бугарско национално малцинство. Прифаќањето на терминот „бугарско малцинство“ имало пошироки последици. Ако Грција официјално го прифатела тој статус, Бугарија можела да се повикува на меѓународно признато бугарско малцинство во северна Грција и да бара почитување на неговите образовни, верски и културни права под надзор на Друштвото на народите. Протоколот предвидувал токму мерки за задоволување на потребите на малцинствата, особено во образованието и верските прашања. Грчката страна тврдела дека дел од словенојазичното население се спротивставило на неговото означување како бугарско. Во грчката аргументација се правела разлика меѓу словенојазични жители со бугарска ориентација и словенојазични жители со грчка национална определба, но никако Македонци. Ова станало еден од аргументите против ратификацијата на протоколот.
Еден од најголемите надворешнополитички проблеми за Атина дошол од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Белград остро реагирал на грчкото признавање „бугарско малцинство“ во „грчка“ Македонија, бидејќи ако словенојазичното население во грчкиот дел на Македонија било меѓународно признаено како бугарско, се отворало прашањето зошто сродното словенојазично население од другата страна на грчко-југословенската граница би било третирано поинаку.
Со оглед на тоа што политичките интереси на добитниците на делови од македонската територија во 1913 година зависеле од интересните сфери на нивните ментори од Големите сили, потпишувањето на двата протоколи, т.н. Политис-Калфов протокол, предизвикало вознемиреност и кај менторите. На тој начин, овие документи добиле и меѓународна димензија.
Сето тоа довело до расправа во Грчкото национално собрание на 3 февруари 1925 година, при што едногласно бил отфрлен т.н. Политис-Калфов протокол. За ваквиот грчки став, грчкиот претставник во Швајцарија и постојан делегат при Друштвото на народите, Васили Дендрaмис, на 11 февруари 1925 г., упатил писмо до генералниот секретар на Друштвото на народите, Ерик Драмонд. Во него пишувало: „Имајќи предвид, од една страна, дека Протоколот е спротивен на општите одредби на важечкиот Договор за малцинствата, одредби кои се доволни за нивна заштита и кои Грција е цврсто решена да ги почитува во однос на сите малцинства по јазик, раса и вера; Имајќи предвид, од друга страна, дека одредбите на овој Протокол создаваат постапка што е неспоива со општоприфатеното начело според кое одредбите што се однесуваат на малцинствата исклучуваат какво било мешање во внатрешните работи на државата; Имајќи предвид, најпосле, дека споменатиот Протокол, далеку од тоа да обезбеди период на мир, претставува извор на постојани конфликти и триења“.
Ова писмо било разгледано на 33. седница на Советот на Друштвото на народите, на 14 март 1925, со што проектот практично пропаднал. Наместо да се инсистира на целосно спроведување на претходниот договор, Друштвото прифатило пофлексибилен пристап кон Грција, за што посебно значење имал ставот на Велика Британија. Од исходот произлегува дека механизмите на Друштвото на народите биле ограничени кога интересите на балканските држави и на Големите сили се судирале.
Имајќи го предвид ова бугарско-грчко искуство од историјата, не е тешко да се заклучи дека „пренесувањето на моштите на Цар Самуил“ од Грција во Бугарија ќе биде добро пресметан „улов“ за Грција, но и дека во Бугарија, со највисоки почести, ќе се пренесат мошти на некој „среќник“ чии мошти ќе се слават, чуваат и величаат како самуилови.
(авторката е проф. д-р по историски науки во Инситутот за национална историја при УКИМ )












