Судијка во ОН осудена за држење на млада жена од Уганда како робинка во својот дом

41

Британскиот суд ја прогласи за виновна судијката во меѓународниот суд на ОН, Лидија Мугамбе, бидејќи принудила млада жена од Уганда да работи кај неа како дадилка и домашна помошничка бесплатно.

Обвинителството тврдеше дека Мугамбе (49), која е и судијка во Високиот суд во Уганда, ја намамила својата сонародничка да дојде во Англија, велејќи и дека ќе ја вработи како домашна помошничка, но потоа ја искористувала, искористувајќи го недоволното познавање на младата жена на сопствените права, објави „Асошиејтед прес“.

Во времето на овие настани, Мугамбе се подготвувала за докторат по право на Универзитетот во Оксфорд.

Обвинителите тврдеа дека судијката организирала младата жена да добие виза, а кога пристигнала во Англија била одведена во куќата на Мугамбе и принудена да работи бесплатно, а пасошот и документите ѝ биле одземени.

Жртвата конечно побарала помош од пријателка, по што во целиот случај се вклучила и полицијата.

„Лидија Мугамбе ја искористила својата позиција за да искористува ранлива млада жена, да ја контролира нејзината слобода и движење и да ја принуди да работи бесплатно“, рече обвинителот Еран Катлиф.

Мугамбе ги негираше обвиненијата, а пресудата е закажана за 2 мај, пренесува Танјуг.

 

ИЗДВОЕНИ