Мексико со победата од 2:0 над Еквадор обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, но по натпреварот главна тема не беа головите, туку судењето на словенечкиот арбитер Славко Винчиќ.
Домаќинот ја заврши работата уште во првото полувреме, кога Кинонес и Раул Хименес ги постигнаа головите за триумф на преполната „Ацтека“. Сепак, навивачите и дел од јавноста во Еквадор сметаат дека била оштетена нивната репрезентација со неколку спорни судиски одлуки. На социјалните мрежи следуваа бројни критики кон Винчиќ, при што дел од навивачите го обвинија дека дозволил груба игра врз еквадорските фудбалери и дека му помогнал на Мексико со своите одлуки. Во поединечни објави беше споменувано за негови претходни контроверзии, иако тие немаат директна поврзаност со овој натпревар.
„Цел Еквадор ќе се сети на овој човек, кој не направи ништо за грубите прекршоци против нашите играчи“, гласи еден од коментарите, по кои се редеа други.
„Судијата што го гледавме на натпреварот Еквадор – Мексико беше во притвор по рација за дрога и проституција. Словенечката фудбалска асоцијација го поддржа, опишувајќи го инцидентот како недоразбирање. Сега гледате што е ФИФА-мафија“, се надоврза друг.
„Судењето на Славко Винчиќ е целосен срам и катастрофа“, гласеше уште еден од коментарите.
И покрај незадоволството, спорните одлуки не може да се поврзат со головите на Мексико, кое ја обезбеди победата со ефикасна игра во првите 30 минути. Сепак, за голем дел од еквадорските навивачи токму Винчиќ останува главниот виновник за елиминацијата на нивната репрезентација.
Поразот значеше крај на мундијалските надежи за Еквадор, додека Мексико продолжува во нокаут-фазата, каде што ќе се обиде да ги искористи домашниот терен и поддршката од своите навивачи.











