среда, јули 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Скопје се дави по поројот: Поплавени улици, заглавени возила и десетици повици...

Скопје се дави по поројот: Поплавени улици, заглавени возила и десетици повици за помош/ФОТО

1

Скопје попладнево се најде под вода откако силно невреме проследено со пороен дожд за кратко време предизвика поплави, материјални штети и сериозен сообраќаен хаос во повеќе делови од градот.

До Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број 112, пристигнале десетици повици од граѓани кои пријавувале поплавени подруми, дворови и магацини, како и заглавени возила на неколку критични сообраќајни точки.

Според ЦУК, најпогодени од невремето се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Поројниот дожд за кратко време ги претвори улиците во реки, а движењето на возилата на повеќе локации беше значително отежнато или целосно невозможно.

Заглавени автомобили се пријавени на подвозникот пред кружниот тек во Бутел и на подвозникот на булеварот „Србија“ во Кисела Вода. Под вода останаа и кружните текови кај трговскиот центар „Ист Гејт“, кај „Мото Центар“ и „Цементара“ во Кисела Вода, како и кружниот тек во населбата Железара.

Целосно е поплавена и улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“, додека проблеми со излевање на вода се регистрирани и на паркиралиштата и пристапните улици во населбата Расадник, како и во делови од општина Аеродром.

По невремето, екипите на Град Скопје и јавните претпријатија веднаш излегле на терен. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека службите интервенираат на најкритичните локации и ќе останат мобилизирани во текот на целата ноќ.

„Екипите на Град Скопје и јавните претпријатија се будни, мобилизирани и на терен. Така ќе остане во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенција и поддршка за граѓаните“, објави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е во постојана координација со градоначалниците на скопските општини и со надлежните институции, нагласувајќи дека нема простор за паника, но дека е неопходна брза и координирана реакција.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење низ поплавените сообраќајници и да ги следат препораките на службите додека траат интервенциите.

ИЗДВОЕНИ