
Словенечкиот судија Славко Винчиќ стана вистинска интернет-сензација во текот на Светското првенство, а голем број луѓе на социјалните мрежи почнаа да го нарекуваат „секс-симбол“ на СП 2026.
Винчиќ, кој со години се смета за еден од најпочитуваните европски судии, досега судеше на три натпревари на турнирот во САД, Канада и во Мексико.
Прво, тој ја делеше правдата во спектакуларниот натпревар меѓу Бразил и Мароко, па на натпреварот од групната фаза меѓу Јордан и Алжир, а потоа и во шеснаесетфиналето помеѓу Мексико и Еквадор.
Благодарение на свите самоуверени и квалитетни настапи, многумина веруваат дека ФИФА би можела да му довери еден од најважните натпревари, финалниот на СП 2026.
Сепак, овој пат Винчиќ не се најде во центарот на вниманието само поради своите одлуки на теренот.
Едно видео објавено од инфлуенсерката Софија Васкес стана вирално на социјалните мрежи. Во текот на емитувањето на натпреварот, таа го издвои словенечкиот судија поради изгледот и ги праша своите следбеници дали некој друг го забележал „згодниот судија“.
Видеото стана вирално за многу кратко време и собра повеќе од 1,3 милиони прегледи на „Инстаграм“.
Бројните коментари под објавата, исто така, привлекоа подеднакво внимание и корисниците продолжија да коментираат за изгледот на Винчиќ со хумористичен тон.
– Тој лесно може да ми покаже црвен картон кога сака – напиша една корисничка.
Друг корисник откри дека неговата мајка му испраќала пораки во текот на целиот натпревар за тоа „колку е убав судијата“.
Следуваа бројни други хумористични коментари, во кои корисниците го нарекуваа Винчиќ „сребрена лисица“, но и „Бетмен меѓу судиите“.
Иако многумина станаа свесни за него во последните денови токму поради неговата вирална популарност, тој има импресивна меѓународна кариера зад себе.
Словенечкиот судија со години е дел од елитната група судии на ФИФА и на УЕФА, а најголемо признание во неговата кариера досега беше кога го судеше финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2023/2024, меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Неговите авторитет, смиреност и постојан квалитет го направија еден од најпочитуваните судии во европскиот и во светскиот фудбал.











