петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Судење Лотарија: Cведок на Обвинителството стана сведок на одбраната, не потврди комуникација...

Судење Лотарија: Cведок на Обвинителството стана сведок на одбраната, не потврди комуникација меѓу Груби и Бајрами

„НЕ МОЖАМ ДА КАЖАМ ДЕКА СЕ ПРИЈАТЕЛИ“, ПЕТКОВСКИ ГО НАТЕРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА БАРА ВКРСТЕНО ИСПИТУВАЊЕ

34

Директорот на Секторот за игри на среќа во Државна лотарија, Владо Петковски, наместо да ги потврди наводите на Обвинителството, во повеќепати  одговараше дека нема  сознанија за односот меѓу Артан Груби и Перпарим Бајрами. Тој сведочеше и дека новите проекти, меѓу кои „Ново ВЛТ“ и самостојното приредување електронски игри на среќа, биле иницирани во мандатот на Бајрами, па, според неговите зборови, можеше да се заклучи дека тоа било „златното време“ во Лотарија.

Првиот сведок што го предложи Обвинителството во судскиот процес за Државна лотарија не ги даде очекуваните одговори во прилог на обвинителната теза. Актуелниот директор на Секторот за игри на среќа во Лотарија, Владо Петковски, во текот на директното испитување не можеше да потврди дека биле блиски поранешниот директор Перпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби, дека се среќавале или дека комуницирале за конкретни работи поврзани со Лотарија. По повеќе од еден час испитување, Обвинителството побара сведокот да биде вкрстено испрашан, оценувајќи дека неговите одговори покажуваат оти тој повеќе не може да се смета за сведок на Обвинителството.

– Имајќи го предвид досега дадениот исказ, како и одговорите што ги даде сведокот во текот на испитувањето, бараме од Судот да ни дозволи вкрстено испитување, бидејќи од неговите досегашни одговори произлегува дека повеќе не може да се смета за сведок на Обвинителството – рече обвинителот Александар Давчевски.

И покрај забелешките на одбраната, Судот го прифати барањето и Обвинителството почна со вкрстено испитување на својот сведок. Петковски, кој е вработен во Државна лотарија од 2017 година и кој извршувал повеќе раководни функции во текот на работниот ангажман, објаснуваше пред Судот дека работел со Бајрами, но дека нема непосредни сознанија за неговиот однос со Груби. На прашањето дали двајцата биле пријатели, тој одговори: „Непосредно немам ситуација каде што можам да кажам дека тие двајца се пријатели“.

Петковски објасни дека Владата е акционер во Државна лотарија и дека директорите на компанијата, поради природата на работата, често комуницираат со Владата и одат на состаноци за различни прашања поврзани со работењето. Но, не можеше да потврди дека Бајрами го споменувал Груби во контекст на конкретни активности во Лотарија.

– Можеби го споменал, но не го споменал во врска со конкретни работи за Државна лотарија – рече Петковски.

Тој пофално зборуваше за повеќе нови проекти што биле иницирани во периодот кога бил Бајрами директор, со цел проширување на портфолиото и зголемување на профитот на компанијата. Меѓу нив било формирањето „Ново ВЛТ“, друштво што требало да приредува електронски игри на среќа, потоа интернет-платформата Мегавин.мк, како и иницијативата Државна лотарија самостојно да приредува електронски игри на среќа. Според сведокот, за идеите се дискутирало на колегиумите што ги водел Бајрами, а потоа се прибирале мислења и анализи од релевантни институции. За самостојното приредување електронски игри на среќа биле подготвени професорски мислења, физибилити студии, истражувања на пазарот и мислења од Министерството за финансии и од други владини институции. Бил подготвен и финансиски план, по што била спроведена јавна набавка за ВЛТ-терминали. Петковски сведочеше дека УЈП дала позитивно мислење, но согласност од Министерството за финансии не била добиена, по што бил запрен процесот по донесувањето автентично толкување на законот.

Во однос на „Ново ВЛТ“, сведокот појасни дека било формирано друштвото со намера да приредува електронски игри на среќа, но не започнало со работа поради законски пречки.

Во предметот „Државна лотарија“ се обвинети Артан Груби, Перпарим Бајрами, Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања, тие му предизвикале штета на АД Државна лотарија од 596.125.511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ