Во македонските црковни општини во Австралија, за време на богослужбите и во парохискиот живот, наместо македонскиот, сè повеќе се наложува да се користи англискиот јазик. Ова го изјави надлежниот митрополит на Австралиско-новозеландската епархија на МПЦ-ОА, Никола, кој од март, годинава, таму ја врши функцијата на надлежен владика. Во интервјуто за црковно-информативниот портал „Литургија.мк“, тој предупредува дека непознавањето на македонскиот јазик меѓу македонските верници на петтиот континент е сè поголемо. Одговарајќи на прашањето дали е потребно една епархија на Македонската црква во дијаспората да има мисионерска дејност помеѓу луѓето кои не се Македонци и не се православни, тој рече дека постои потреба за користење на англискиот јазик.
– Тоа прашање, во текот на минатиот век, се поставило во круговите на сите епархии на помесните цркви во дијаспората, особено во големите руски и грчки заедници во европските земји и Америка. Како и кај нив, и кај нас првите црковни заедници се создадени за потребите на македонската дијаспора, и затоа тие биле најпрвин јазично и културолошки „затворени“ заедници. Но, Црквата живее вистински кога не робува на етнички граници. Нашата национална историја и култура се македонски, нашето предание е православно, но Евангелието е универзално. Со текот на времето, заради тоа приоѓање на други нехристијански и инославни луѓе кон тие црковни заедници, тие се отворале за примање на конвертитите или неокатехумените во нивното духовно семејство. Денес е време тоа да се случува на поорганизиран и подобро устроен начин. Во таа смисла, во Австралија, не само поради доаѓањето на верниците од други нации туку и поради сѐ поголемото непознавање на македонскиот јазик помеѓу младите Македонци, се наложува употребата на англискиот јазик во богослужбениот и во парохискиот живот – нагласува владиката Никола.
Во ова Епархија има 14 македонски православни цркви и три манастири, а во дел од нив, англискиот јазик и досега бил во употреба напоредно со македонскиот. Но, очигледно, потребата за користењето на англискиот јазик станува сè поголема. Причината е, како и што наведува митрополитот, во фактот што новите генерации на нашите иселеници сè помалку го владеат македонскиот јазик. Австралија, во која, според последниот попис во 2021 година како Македонци се изјасниле 11.352 лица, а од кои 66.173 навеле дека го зборуваат македонскиот јазик, е дом на повеќе генерации на македонските иселеници. На неодамнешниот попис имаше силни апели од македонските организации нашите сонародници да се изјаснуваат како Македонци кои говорат македонски јазик со оглед на неофицијалните процени дека таму има и повеќе од 200.000 граѓани со македонско потекло.
Дел од црквите во оваа епархија практикуваат воведување на англиски јазик во делови од литургиите и псалмите за помладите парохјани, а издаден е Православен молитвеник на англиски јазик за полесно следење на богослужбите. И во Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА, поради мешаните бракови и генерациите родени таму, во некои парохии често се комбинираат македонскиот и англискиот јазик во текот на Светата литургија. Во Европската епархија на МПЦ-ОА, литургиите примарно се изведуваат на македонски јазик, но во одредени случаи се практикува и употреба на други јазици. Главната мисија на трите епархии на МПЦ-ОА во дијаспората е зачувување на македонскиот идентитет, јазик и на традиционална православна христијанска вера но, очигледно, практиката на терен наложува одредена јазична флексибилност. (Б. Ѓ.)
Потребна е поголема доверба
На прашањата за состојбата на нашата Црква во Австралија, во која, инаку, дејствуваат две епархии, а во минатото се случувале поделеност и конфликти, владиката Никола одговори дека е неопходно градење на довербата.
– Се согласувам со сите кои сметаат дека за добриот правец и иднината на МПЦ-ОА во Австралија и Нов Зеланд е неопходен растот и градењето на поголема меѓусебна доверба, помеѓу црковните општини, Епархијата и Синодот на МПЦ‒ОА, возглавен од Неговото блаженство архиепископот г. г. Стефан. Свесен сум дека довербата не се случува преку ноќ, туку се стекнува низ процесот на запознавање и низ заемното проникнување, па затоа таа нема да се случи единствено со административната одлука за моето поставување за надлежен архијереј, туку треба да биде плод на лично и конкретно сведоштво, како и на соборната свест на секој чинител во Црквата – нагласува овој владика.












