Регулаторната комисија за енергетика, РКЕ, размислува за промени во моделот на блок-тарифи и за продолжување на евтината тарифа за електрична енергија и во сабота. Целта е да се приспособи тарифниот модел на промените на енергетскиот пазар и зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, посочи дека сè уште нема конечна одлука. Комисијата ги очекува податоците и барањата од енергетските компании за следниот тригодишен регулиран период, по што ќе може да се разгледаат можните измени.
Според Ристов, сегашниот модел на тарифи е создаден во услови на енергетска криза, кога била електричната енергија најскапа во текот на денот. Но, со зголемувањето на бројот на фотоволтаични централи и нивното производство, состојбата на пазарот значително се промени. Покрај приспособувањето на дневната евтина тарифа, РКЕ разгледува и можност за нејзино проширување во одредени периоди во текот на викендот, вклучително и во сабота.
– Имаме евтина енергија прекуден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа. Причината е што во одредени часови во текот на викендите индустриската потрошувачка е помала, додека производството од фотоволтаиците може да биде високо. Тоа создава услови за вишок електрична енергија на пазарот, па соодветното приспособување на тарифите би можело да придонесе за подобро искористување на достапната енергија – посочува Ристов.
Сепак, засега станува збор за можни промени што се анализираат, а не за донесена одлука. Дали ќе биде проширена евтината тарифа и во сабота, во кои часови би важела и дали ќе има измени во постојниот распоред ќе зависи од анализите и од одлуките на РКЕ.
Паралелно со анализата на тарифниот модел, РКЕ планира да воспостави дигитална платформа за прибирање податоци од енергетскиот систем во реално или приближно реално време. Целта е Комисијата да има подетален увид во производството и во потрошувачката на електрична енергија и врз основа на тие информации да носи поинформирани регулаторни одлуки.
Ристов оценува дека досегашниот начин на прибирање податоци, на месечно, полугодишно или на годишно ниво, не е доволен за детални анализи на динамиката на енергетскиот систем.
– Нам не ни треба дневен податок. Ни треба 24 часа, на секои 15 минути, да имаме график и да знаеме што ни се случува – објаснува Ристов.
Планираната платформа би требало да ги опфати различните извори на производство на електрична енергија, вклучувајќи ги фотоволтаичните, ветерните, термоелектраните и хидроцентралите, како и увозот на електрична енергија и структурата на потрошувачката.
Со вакви податоци, РКЕ би можела попрецизно да ги следи промените во понудата и во побарувачката, да ги анализира периодите со вишок или со недостиг на електрична енергија и да подготвува долгорочни стратегии.
Евентуалните измени во евтината тарифа би биле дел од поширокиот процес на приспособување на енергетскиот систем кон новите услови, во кои производството од обновливи извори има сè поголема улога. За домаќинствата, најважно останува дали и кога ќе добијат дополнителни периоди во кои ќе можат да ја користат електричната енергија по пониска цена.
Ваквите најави доаѓаат во услови кога уверува Владата дека не планира зголемување на цената на електричната енергија, туку бара начин да се намали таа или граѓаните да добијат повеќе часови евтина струја.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека, и покрај енергетските предизвици во Европа, Македонија засега има стабилен електроенергетски систем и доволно резерви.
– Ние не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Напротив, правиме план да најдеме формула како да ја намалиме или барем да ја прошириме евтината тарифа – истакна Мицкоски.
Тој посочи дека се исполнети акумулациите околу 70 проценти и дека има речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија, што, според него, е доволно за стабилно снабдување на домаќинствата и на индустријата.
Дополнително, Здружението на инженери на Македонија предлага нов тарифен модел усогласен со движењата на европските берзи на електрична енергија. Според нивниот предлог, во летниот период домаќинствата би користеле 115 часа евтина струја неделно. Евтината тарифа би важела во работните денови од 23:00 до 7:00 часот и од 9:00 до 18:00 часот, а во текот на викендите од 22:00 часот до 19:00 часот. Инженерите предлагаат и дополнително пониска цена во одредени часови во текот на викендите.
Покрај евтината тарифа, РКЕ ги анализира и можните промени во блок-тарифите, како и регулираните цени за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Не се исклучува можноста за намалување на дел од овие давачки.
Новите цени на електричната енергија треба да важат од 1 јануари 2027 година, а конечната одлука се очекува во декември. Дотогаш останува отворено прашањето дали ќе биде проширена евтината тарифа и во сабота, колку часови ќе опфаќа и дали ќе има промени во блок-тарифите. Засега сите опции се предмет на анализа, а конкретни измени сè уште не се донесени.
(А. С.)












