–Текстот на Крец, по кој е работена претставата, преку мозаик од сцени ја разоткрива суровоста на современото општество и егзистенцијалните притисоци врз поединецот. Ова е драмски материјал што директно зборува за стравот, несигурноста и за губењето на достоинството во денешно време. Во таа смисла, „Страв и надеж“ е проект што не нуди лесни одговори, туку отвора суштински прашања за човекот денес“, истакна директорот на МНТ, Никола Кимовски, денешната прес-конференција на која беше најавена премиерата што ќе биде изведена на 22 април во 20 часот, на големата сцена
„Страв и надеж“ е насловот на претставата според текст на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат, која премиерно ќе биде изведена на 22 април, на големата сцена во Македонскиот народен театар. Како што посочи Никола Кимовски, директор на МНТ, на денешната прес-конференција, Ксавер Крец е најпознатиот и најизведуваниот жив германски драмски автор, додека оваа поставка ја потпишува Ригонат, која е познатата и наградувана белградска режисерка, препознатлива по бескомпромисен и форензички точен театарски јазик.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

– Доаѓањето на Ригонат на покана на МНТ е дел од нашата јасна програмска определба да соработуваме со врвни автори од регионот и пошироко, чиј уметнички интегритет носи нова енергија во репертоарот. Текстот на Крец, по кој е работена претставата, преку мозаик од сцени, ја разоткрива суровоста на современото општество и егзистенцијалните притисоци врз поединецот. Ова е драмски материјал што директно зборува за стравот, несигурноста и за губењето на достоинството во денешното време. Во таа смисла, „Страв и надеж“ е проект што не нуди лесни одговори, туку отвора суштински прашања за човекот денес, истакна Кимовски. Тој додаде дека „Страв и надеж“ е драмска партитура составена од сцени, кои варираат околу една централна состојба: современиот човек турнат до работ на егзистенцијата.
– Ликовите живеат под притисок на невработеност, страв од губење работа, чувство на пониска вредност и постојана несигурност. Интимните односи стануваат простор каде што се прелева целата фрустрација, а човечкото достоинство директно се соочува со суровите механизми на современиот капиталистички систем, посочува Кимовски.

Режисерката Ригонат, пак, истакна дека за неа, театарот е место на љубов и место на дијалог – со светот, со општествениот момент во кој живееме.
– Тоа е можност да расправаме за позицијата на човекот, за ситуацијата во која се наоѓаме, за најдлабоките можни проблеми и за човечката интима. Во случајов, овој писател е жив класик, покрај Бертолт Брехт. Покрај тоа што пишува и што пишувал драми, тој е една живописна личност. Во текот на животот, се занимавал со разновидни работи. Бил возач, бил ѕидар, бил негувател, бил сè и сешто, а паралелно со драмското пишување, го развивал и својот актерски израз. Така што, нема ништо што напишал, а да не го преглумил и изглумил сам со себе додека пишувал. И затоа неговите драми се драгоцени за актерот, тие се сјајно игриви и многу инспиративни за актерите, кажа режисерката на прес-конференцијата.

Таа посочи дека конкретно драмата „Страв и надеж во Демократска Република Германија“, во оригиналниот наслов, е напишана во 1984 година, но бидејќи оваа претстава не се случува во осумдесеттите години, туку е сместена во денешно време, во денешниот момент, насловот е „Страв и надеж“.
– Таа страв и надеж може да биде во Македонија, може да биде во Србија, на Балканот, во Европа, во светот… Овие приказни го зафаќаат контекстот кој е сегашен, а кој Крец совршено го насетува уште од осумдесеттите години. Светот во кој живееме денес е ужасен. Војни, кризи, распад на сите човечки вредности од хуманистички тип – она во што генерации веруваа дека е смислата и иднината. Секојдневно гледаме како тоа се распаѓа пред нашите очи, како некое откачено реално шоу. Како оваа стварност да не е вистинска, како некој да си игра со нас на најбизарен начин – како некој црн хумор со трагични последици. Сето тоа постои во нашата претстава. Но, она што е најважно, во неа постои човекот. Осамениот поединец, брачниот пар, некој што сака да биде сакан или некој што веќе сака, но во таа љубов влегува криза поради стравот од отпуштање или губење на работата. Тоа се реални проблеми на луѓето, подигнати на едно уметничко ниво на хиперреализам… вели режисерката. Таа посочи и дека ова е важен момент и поради тоа што е праизведба на поширокиот театарски простор.

Актерката Тања Кочовска, пак, која во претставата игра во две сцени, едната со Тони Михајловски и другата со Александар Микиќ, и тоа за пензионери и за нивните стравови и надежи, посочи дека сè она што е напишано од Крец е вистинито.
– Толку фино го преточил на хартија сè она со што ние секојдневно се соочуваме, сите тие проблеми, стравови, но и надежи. Режисерката, пак, на еден многу смирен начин, на многу итар начин, успеа да извлече многу работи од нас. Со една смиреност, насмевка, што за нас глумците, многу значи, посочи Кочовска.

Актерот Сашко Коцев, како што кажа, е еден од тие ретките што игра еден ист лик во неколку сцени.
– Кога ќе размислам, тоа е еден лик што се бунтува против општествените прилики, што има јад и чемер во себе за некои неправди што се случуваат надвор. Има сомнеж внатре, го јадат семејните, брачните односи, го јаде сè однатре. Кога ќе размислам, не е нешто многу различен од мене, кажа Коцев низ смеа, и се заблагодари на одличната соработка со режисерката.
Адаптацијата и режијата се на Татјана Мандиќ-Ригонат. Преводот го направи Александар Русјаков. Сценографијата е на Весна Поповиќ, костимите се на Роза Трајческа. Композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ. Видеодизајнот е на Јелена Тврдишиќ, извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, инспициент – Вукица Александрова и суфлер е Миро Атанасовски. (Д. Т.)












