петок, јуни 5, 2026
Дома СВЕТ Додека светот страда за нафта, Иран го затвора Хормуз за да го...

Додека светот страда за нафта, Иран го затвора Хормуз за да го ограничи сообраќајот, а САД за да изврши економски притисок врз Иран

220
EPA/NEIL HALL

Техеран објави дека нема да преговара, Вашингтон дека наскоро повторно ќе се седне на преговарачка маса. Во меѓувреме, настана конфузија и меѓу бродските оператори во Хормускиот Проток, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, и министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, дадоа спротивставени изјави за состојбата во него. Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека затворањето на Хормускиот Проток од страна на Иран е „чудно“ бидејќи американската блокада „веќе го затвори преминот“, го отвори прашањето што, всушност, подразбираат мерките што ги спроведуваат двете страни

 

Во моментов, Иран не планира да ги продолжи разговорите со САД, потврди во понеделникот портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багеи.

Тој посочи дека САД, преку своето контрадикторно однесување и континуирани прекршувања на прекинот на огнот, покажуваат дека не се сериозни во врска со водењето дипломатија. Исто така, истакна дека одредени потези на Вашингтон, како што е наводниот напад врз ирански трговски брод, се јасен чин на агресија што е спротивен на резолуциите на Обединетите нации. Багеи додаде дека Иран ќе донесе каква било одлука за продолжување на преговорите во согласност со своите национални интереси. Од друга страна, САД најавуваат дека преговорите наскоро ќе продолжат.

Во меѓувреме, настана конфузија меѓу бродските оператори во Хормускиот Проток откако американскиот претседател, Доналд Трамп, и министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, дадоа спротивставени изјави за состојбата во него. Во петокот, иранскиот министер за надворешни работи објави дека Протокот е „целосно отворен“, што охрабри некои од танкерите да се обидат да го продолжат патот. Еден танкер, кој комуницирал со индиските власти преку апликацијата „Ватсап“ и електронска пошта, добил уверување дека преминот е безбеден. Но при приближување на околу 6,4 километри од иранскиот брег, бил пресретнат од иранската морнарица и принуден да се врати, наведува „Блумберг адриа“. Поради спротивставените информации, до неделата, сообраќајот речиси целосно запре, а американската морнарица заплени ирански товарен брод, што беше прв ваков инцидент од почетокот на блокадата. Според податоците од следењето бродови, наведува „Блумберг“, во регионот остануваат блокирани најмалку 135 милиони барели сурова нафта и деривати. Иранските медиуми истовремено јавуваат дека нема да се дозволи премин на бродови поврзани со „непријателски“ држави, додека Техеран условува отворање на Протокот со укинување на американската блокада – услов што Вашингтон го одбива. Нафтените производители од регионот внимателно ја следат ситуацијата и не планираат зголемување на производството додека повеќе од 200 натоварени брода не го напуштат Заливот.

Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека затворањето на Хормускиот Проток од страна на Иран е „чудно“ бидејќи американската блокада „веќе го затвори преминот“, го отвори прашањето што, всушност, подразбираат мерките што ги спроведуваат двете страни. Иако обете политики се нарекуваат блокада, начинот на нивното спроведување и целите значително се разликуваат, анализира „Индекс“. Иран објави дека има намера да воспостави строг надзор на сообраќајот низ Протокот додека не заврши војната и не се воспостави траен мир во регионот. Според одлуката, бродовите што минуваат низ него подлежат на детални контроли, меѓу другото, и собирање податоци за бродовите, издавање дозволи за премин и наплата на такси за безбедносни, заштитни и еколошки услуги. Таквиот пристап во практиката значи делумно ограничување на сообраќајот и зајакнување на иранската контрола врз една од најважните поморски маршрути во светот.

Од друга страна, блокадата на САД, како што првично ја претстави Трамп, требаше да се однесува на сите бродови што се обидуваат да влезат или да излезат од Хормуз, вклучувајќи и пресретнување на бродови што плаќаат такси за премин на Иран. Сепак, официјалното толкување на американската војска е малку поинакво. Фокусот е на блокирање на иранските пристаништа, а не на целосно затворање на самиот проток за меѓународен сообраќај. Во исто време, американската страна нагласува дека нема намера да ја попречи слободата на пловидба за бродовите што патуваат до или доаѓаат од пристаништа надвор од Иран, со што се обидува да го одржи континуитетот на глобалната трговија. Во практиката, ова значи дека Иран се обидува активно да го контролира и да го ограничи сообраќајот низ Протокот, додека САД ги фокусираат своите мерки првенствено на економски притисок врз Иран, без формална забрана за премин за други земји.

ИЗДВОЕНИ