четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Женска ученичка група тепала, понижувала и горела со цигара помладо девојче

Женска ученичка група тепала, понижувала и горела со цигара помладо девојче

Од инстаграм-расправија до брутално насилство – вознемирувачки случај на врсничко насилство во Ѓорче Петров

4198

Изминативе денови, родители од Општината Ѓорче Петров споделуваат за тежок случај на врсничко насилство помеѓу ученици од едно основно училиште. Поради сензитивноста и последиците од настанот, нема да објавиме за кое училиште станува збор. Ученичка од шесто одделение била брутално малтретирана од три повозрасни девојчиња и како последица на тортурата, сега добива стручна помош. Инцидентот се случил среде бел ден, во паркот во близина на старото вовче, кое е симбол на Општината и е на само неколку метри од полициската станица. Според информациите, девојчето било донесено насила, по што следувало монструозно насилство, кое ја надминува детската расправија. Девојчето било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и присилувано да јаде измет од куче. Дел од бруталниот чин бил снимен со мобилен телефон. По преживеаниот стрес, детето завршило за лекарска и психијатриска помош. Причината за нападот, според првичните информации, била комуникација преку социјалната мрежа „Инстаграм“. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека е пријавен случајот и дека се постапува. Тоа девојче два пати било нападнато од женската група.

Пријавено е дека малолетно девојче, во два наврати, било физички нападнато од неколку малолетнички од истото училиште. Извршени се службени разговори во присуство на родителите, прибрани се материјални докази, меѓу кои и видеозаписи, и во координација со ОЈО се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од МВР.

Фактот дека бил снимен дел од насилството го отвора и прашањето кое е голем проблем меѓу децата во последно време, а тоа е дека не завршува насилството со самиот чин, туку продолжува и преку неговото споделување.

Во изминатиов период, јавноста беше сведок на повеќе инциденти во кои беа физички напаѓани деца од врсници, додека други ученици го имаа снимено настанот со мобилни телефони. Лани, на социјалните мрежи се рашири вознемирувачко видео од групна тепачка меѓу ученици во училишниот двор на основното „Дитурија“ во скопското село Сарај. На снимката се гледаше како учениците разменуваат боксови и клоци, додека дел од присутните набљудуваа и го снимаа настанот со мобилен телефон. Неодамна, три малолетнички од скопски Чаир натепале врсничка, а настанот бил снимен со мобилниот телефон на едната од нив. Пријавил родителот на детето жртва откако го видел видеото објавено на социјалните мрежи, во кое две девојчиња ја удираат неговата 11-годишна ќерка со клоци, тупаници, влечејќи ја за косата.

Во последно време, сè почесто се случува брутално врсничко насилство како последното во Ѓорче Петров, ученици во група вршат насилство и го документираат со цел да стане јавно. На тој начин, жртвата не го преживува насилството еднаш, туку повторно и повторно секогаш кога се гледа или споделува снимката.

Според анализите од меѓународните организации, околу десет проценти од децата на возраст од 11 до 15 години трпат врсничко насилство повеќе пати месечно, додека значителен дел од учениците барем еднаш биле изложени на некаква форма на насилство.

Траумата не завршува со настанот

Стручната јавност предупредува дека ваквите случаи оставаат длабоки и долгорочни последици врз менталното здравје на децата. Како што објаснува професорката д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, во тешкиот случај на булинг во Ѓорче Петров станува збор за сериозна форма на насилство, со повеќеслојни последици.

д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог

Овој случај претставува сериозна форма на врсничко насилство со елементи на физичко, психолошко и на понижувачко малтретирање. Кога е изложено дете на тепање, горење со цигара и на присилување на деградирачки постапки, последиците не се само моментални туку може да остават и длабоки психолошки траги. Кај детето може да се појават акутни трауматски реакции како силен страв, шок, плачење, несоница, кошмари, повлекување, чувство на срам и несигурност. Често по ваквите настани детето може да развие недоверба кон врсниците, страв од одење на училиште, избегнување на социјалните контакти и силна анксиозност. Особено загрижувачки е елементот на понижување. Кога е придружено насилството со деградација и со понижување, кај детето може да се формира длабоко чувство на срам, вина и нарушена самодоверба. Детето може да почне да верува дека е безвредно,беспомошно или дека самото е виновно за случувањата – објаснува д-р Стојановска за весникот ВЕЧЕР.

Доколку не се третира траумата навреме, можни се и подолгорочни последици: депресија, панични реакции, посттрауматски симптоми, проблеми со концентрацијата, пад на училишниот успех, па дури и самоповредувачко однесување или тешкотии во создавањето доверливи односи во иднина. Освен психолошка, потребна е и силна поддршка од семејството и од училиштето.

Овој случај не смее да се гледа како детска тепачка, туку како сериозно насилство со потенцијално долготрајни последици врз менталното здравје на детето. Реакцијата на институциите и на заедницата треба да биде брза, одлучна и заштитничка – посочува Јовановска-Стојановска.

Превенција наместо забрани – дали е доволно?

И покрај зачестените случаи, надлежните засега не размислуваат за забрана на „Тик-ток“ и на другите социјални мрежи за децата под 15 години. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека таквата мерка би била радикална и дека приоритет треба да биде превенцијата – преку едукација, родителска контрола и дигитална писменост.

Министерството внимателно ги следи појавите на насилство, булинг, опасни предизвици и штетни содржини на социјалните мрежи, но смета дека најодговорниот пристап е да се зајакнат алатките за заштита, пријавување и поддршка наместо веднаш да се оди кон забрани. Како дел од овој пристап, се спроведува и проектот „MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет“, кој има цел да ги едуцира децата, родителите и наставниците за безбедното користење на Интернетот и да понуди механизми за заштита и пријавување – велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството.

Сепак, последните случаи на сајбер-булинг отвораат дилема дали е доволна превенцијата во услови кога насилството добива нова димензија преку социјалните мрежи.

Случаите со малолетници се водат според Законот за правда за децата, кој предвидува воспитни мерки наместо казни, како што се опомени, засилен надзор или работа со стручни лица. Но, дел од експертите предупредуваат дека не секогаш одговараат ваквите мерки на тежината на случаите, особено кога станува збор за брутално насилство придружено со понижување и со снимање.

Случајот од Ѓорче Петров е уште еден сигнал дека се менува насилството меѓу децата – станува поекстремно, појавно и потешко за контролирање. Од Канцеларијата на народниот правобранител предупредуваат дека врсничкото насилство е најзастапено во основните училишта и дека расте бројот на пријави, но реалната состојба е многу посериозна, особено ако се земе предвид дека ретко се пријавува дигиталното насилство. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ