понеделник, ноември 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Законот секогаш може да биде подобар“ – Игорчо Точев за 16 години...

„Законот секогаш може да биде подобар“ – Игорчо Точев за 16 години поднел 300 иницијативи до Уставниот суд

ПРАВНИК ШТО ГИ ИСПРАВА ЗАКОНСКИТЕ НЕЛОГИЧНОСТИ

0

Некогаш една, но најчесто по две или три иницијативи за оцена на уставноста и законитоста на некои закони, правилници, одлуки… стануваат предмет на одлучување на редовните седници на уставните судии, носејќи го потписот на Игорчо Точев. Целта на сите иницијативи е иста: да бидат усогласени правните норми со Уставот и со законите, да се отстранат грешките и правните нелогичности, да се има конзистентен и хармонизиран правен систем во државата.

Често се вели дека Македонија има добри закони, но дека не се применуваат. Но, кога ќе се видат содржините на иницијативите што ги повел Точев, тогаш ќе се сфати дека секогаш може и да се подобрат законите. На овој дипломиран правник, кој се образовал во Кочани и во Скопје на Правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и кој сега работи како судски советник во Управниот суд, тоа му е и најголем мотив во дополнителниот ангажман што го прави.

Така е уште од 2010 година, кога првпат поднел иницијатива до уставните судии заедно со една поранешна колешка од Судот во кој работи. Но, иницијатива со која тврделе дека бил изминат рокот во кој се донел тарифниот систем врз основа на Законот за енергетика, била одбиена.

– Но, во октомври 2012 година, уставните судии ми ја прифатија првата иницијатива, со која успеав да се укине една одредба од Законот за Државниот пазарен инспекторат, бидејќи открив неконзистентност меѓу една и друга одредба во тој закон. Вкупно изразено, досега имам поднесено некаде околу 300 иницијативи врзани за разни закони: за Државниот пазарен инспекторат, за работните односи, за Народната банка, за прекршоците, за јавната чистота, за високото образование, за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување… Уставните судии сè уште не се произнеле по сите тие поднесени иницијативни и дел од нив сè уште се во фаза на одлучување. А, од досега одлучените иницијативи што ги имам поднесено до Уставниот суд, некаде околу 16 отсто имам успех – наведува Игорчо Точев за весникот ВЕЧЕР.

Со ова, тој е меѓу оние македонски граѓани што најмногу поведувале постапки пред Уставниот суд. Таквиот рекорд со околу 1.200 поднесени иницијативи, од кои биле прифатени 308, сè уште го држи во 2017 година починатиот правник Стамен Филипов од Скопје. Игорчо Точев наведува дека мотив му е да се унапредуваат правните норми.

– Различното гледање на работите е навистина добра работа. Ако сите гледаме на една работа на ист начин, на ист начин ја толкуваме, тогаш нема придвижување. А, суштината е тоа: да се оди нанапред, нели? Науката токму поради тоа оди нанапред: ги поставува под сомнеж веќе еднаш воспоставените постулати и ги преиспитува, воспоставува нови за кои е прашање само на време кога ќе дојдат на ред да се преиспитаат – наведува овој правник.

Врзано за квалитетот на законите во Македонија, тој наведува дека имаме море од прописи што постојано се менуваат или менуваат и дополнуваат.

– Но, општоприфатено е дека за да биде добар еден закон, треба да е објективен или колку што е можно да е објективен, да содржи одредби со кои ќе се воспоставуваат добри стандарди и практики, кои ќе се применуваат еднакво наспрема субјектите што се засегнати со конкретната правна проблематика што ја обработува или ја регулира еден закон. Потребно е да постои хармонизиран правен поредок, бидејќи само таков правен поредок би можел да биде гаранција дека постои правна сигурност и извесност. Кога се менува или менува и дополнува закон, потребно е да се имаат предвид и другите одредби од самиот закон, како влијаат одредбите што се менуваат или дополнуваат на другите одредби и нивната примена во правниот промет. Доколку доаѓа до колизија, тогаш не се постигнува целта – наведува Точев.

Тој ни најавува дека и во иднина ќе продолжи со својот ангажман на подобрувањето на законите во земјава.

– Сум поднесувал иницијативи, сè уште поднесувам и ќе поднесувам доколку, барем по мое мислење, сметам дека би можеле одредба или одредби од закон или друг пропис да бидат доведени во однос на нивната согласност со Уставот или со Уставот и со закон. Кои области се најспорни или најнеуредени во македонското законодавство, не би можел да одговорам. Областите се многу. Секогаш има место за подобрување на законите. Само треба да е доволно јасен законот, да е праведен и лесен за спроведување, применлив, предвидлив и да е структуриран на начин што треба да биде јасно разбирлив – потенцира овој правник. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ