За приватните превозници прифатлива е цената за изминат километар да се зголеми за 30 денари, односно да биде 100 денари, онака што им предложиле советниците на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната средба. За ова вчера се дискутираше во Советот на Град Скопје на вонредната седница и главната забелешка на советниците од опозицијата беше како би се обезбедиле овие дополнителни средства, освен со ребаланс на буџетот кој законот дозволува да се направи само до 15 ноември
За приватните превозници прифатлива е цената за изминат километар да се зголеми за 30 денари, односно да биде 100 денари, онака што им предложиле советниците на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната средба. За ова вчера се дискутираше вчера и во Советот на Град Скопје на вонредна седница и главната забелешка на советниците од опозицијата беше како би се обезбедиле овие дополнителни средства, освен со ребаланс на буџетот кој законот дозволува да се направи само до 15 ноември.
Иницијативата за отпочнување на постапка за зголемување на цената на услугите на приватните превозници кои ја добиваат од ЈСП, ја поднесе советникот Горан Арсов од СДСМ. Тој наведе дека потребно е и да се овозможи на оние линии каде што има недостаток на автобуси од ЈСП, да се вклучат со свои возила и приватните превозници за да се надмине проблемот.
– Исто така во новите договори што ќе се склучат со приватните превозници во мај в година да се предвиди, автобусите со мотори Еуро 2, 3, и 4 да се исклучат од сообраќај, бидејќи е големо загадувањето – истакна Арсов.
Советникот Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека предлог-цената по изминат километар да се зголеми за 30 денари во период од 1 декември до мај следната година била прифатлива за приватните превозници.
– Тоа е доказ дека се грижиме за граѓаните – наведе Стојановски и истакна дека претставниците на приватните превозници беа задоволни од предлогот и се откажале од најавената блокада.
Тој апелираше до сите советници, до градоначалничката на Град Скопје и градските служби да го уважат ова, а зголемувањето би било од ребалансот на буџетот во декември и тие средства би се предвиделе и со буџетот за 2025 година.
На тоа реагираше советникот Гордан Шутаров од СДСМ, кој нагласи дека му е јасно како може да се изведе тоа, кога ребаланс на буџетот општините можат да носат до 15 ноември.
– Тоа е само еден обид да се смири ситуацијата. Ребаланс на буџетот по 15 ноември не поминува ниту на една општина. Ребалансот не е можен по 15 ноември. Ако сакаме да помогнеме и да им излеземе во пресретна граѓаните, потребно е искрено и со дијалог да пристапиме кон приватните превозници. Потребна е ревизија на постапката како ЈСП ја тарифира услугата на приватните превозници со кои има склучено договор. Постапката треба да се почне со донесување заклучок со кој ќе го задолжиме Град Скопје, комисиите во градот, Секторот за сообраќај, ЈСП да започнат експанзивна постапка за да се дојде до предлог одлука – појасни Шутаров и апелираше до приватните превозници дека сите нивни барања ќе бидат земени предвид, замолувајќи ги да не го блокираат градот од понеделник.
Координаторката на Советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, дополни дека со предложеното решение од советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема искрена желба да се реши проблемот, бидејќи од буџетот на Град Скопје за 2024 година не можат да се изнајдат средства.
– Кого замајувате, нас или јавноста. Ако се грижевте за граѓаните ќе седневме заедно. Ако имавте искрена намера ќе известевте преку електронска пошта – нагласи Јанчева.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во телевизиско гостување објасни дека набавката на нафта за ЈСП – Скопје е заглавена поради одлука на Бирото за јавни набавки, кое ја поништило постапката. Според неа, постапката била спроведена според сите законски норми, но оти политиката е главниот фактор што ги блокира набавките.
Таа посочи дека доколку кризата продолжи, граѓаните повторно ќе се соочат со прекин на јавниот превоз и оти одлуката за идната стратегија, како и за решавање на проблемите со приватните превозници, останува кај Советот на Град Скопје, каде што мнозинство има ВМРО-ДПМНЕ.
Осврнувајќи се на нејзиното работење, Арсовска изјави дека реализирала над 200 инфраструктурни проекти, како и уште стотици иницијативи во интерес на граѓаните, нагласувајќи дека тоа ќе биде нејзиното наследство како градоначалник.
(А.П.)