Македонските државјани што работат во кризното подрачје на кое се случуваат ракетните напади од Иран, со нетрпение чекаат да се вратат во Македонија. Но, за жал, за масовно враќање од Катар, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин… каде што има најголем број, сè уште не се создадени поволни услови. Но, сепак, се прават напори префрлањето да започне. Македонското МНР денеска соопшти дека утре со владин авион ќе бидат евакуирани неколкумина наши државјани од Израел. Тие прво ќе бидат пренесени по земјан пат до локација каде што ќе може да се качат на владиниот авион, во кој има место за седуммина патници.
– За Македонците што се во Израел, веќе договараме евакуација. Таму евакуација побарале вкупно 19-мина наши сонародници. Се разгледуваат алтернативни патни правци, кои се безбедни, за да може да бидат извлечени, а оттаму да ги преземеме со владиниот авион. Очекуваме првите патници да стигнат дома уште утре – изјавија денеска во МНР.
Инаку, по собирањето на податоците, евакуација бараат вкупно 473 македонски државјани, кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и во Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин. За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома, оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а враќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна можност.
Нашата сонародничка Симона Стојановска, која веќе десет години работи во катарската престолнина, Доха, денеска ни изјави дека состојбата во градот е мирна, но, сепак, неизвесна.
– Сите сме дома и од дома работиме, но денеска немаше алармантни ситуации, односно немаше поголеми експлозии. На телефоните добиваме предупредување кога треба да си останеме дома. Инаку, атмосферата во градот не е значително нарушена. Маркетите работат постојано, има доволно и храна и вода. Паника нема, но не е убаво да слушате експлозии… Сега не се криеме по гаражи – ни вели Стојановска.
Таа рече дека ја контактирала македонската Амбасада, од каде што ѝ кажале дека прават листа колку граѓани моментално се во Катар.
– Ми кажаа уште дека доколку се создадат услови за евакуација, ќе бидеме веднаш контактирани. Јас сум уште во дилема околу враќањето. Доколку морам и доколку почнат да се случуваат експлозии и во населените места, тогаш ќе се евакуирам. Инаку, дел од нашите луѓе се на аеродромот меѓу околу 10.000 туристи. На мајката на моја другарка ѝ ја продолжија визата за уште цел месец, без никакви трошоци, а слушнав дека и хотелите им се платени. Овде, аеродромот „Хамад“ не е оштетен, само се суспендирани летовите – ни рече таа.
И сонародничката Биљана Арсовска чека на евакуација од Доха.
-Дојдов да ја посетам ќерка ми која работи тука и сега не можам да се вратам. Состојбата можеби во моментов не е алармантна, но бидејќи не знаеме дали ќе ескалира во наредните денови, би сакале да заминеме. Јас престојувам во станот каде живее таа, а ја контактиравме и нашата амбасада – ни рече таа.
Друг македонски турист, кој е отиден на седумдневен аранжман во Дубаи и кој сакаше да остане анонимен, во порака ни напиша дека состојбата вчера била помирна.
– Прексиноќа се слушаа експлозиите од Абу Даби. Инаку, ние нема каде на друго место да се криеме, освен во подземните гаражи, ако се случи нешто посериозно. Таму бевме и на првиот ден од нападите. Денеска бевме надвор, но, сепак, со нетрпение чекаме за евакуација, да се вратиме во Македонија – ни напиша тој.
Инаку, денеска изутрина во Белград слетал авион со 200 српски државјани, кои се вратиле од Дубаи со комерцијален лет на компанијата „Флај Дубаи“, односно летот не бил во организација на српската Влада. Аеродромот известил дека ќе продолжи со воздушниот сообраќај со реализирање ограничен број летови, при што приоритет ќе им се даде на патниците со претходна резервација, а оние што ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата. Словенија организира специјален чартер-лет што треба да полета од Оман.
– Согласно со информациите добиени од надлежните власти, во моментов сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните што се наоѓаат во Катар и во ОАЕ. Евакуацијата ќе биде започната во првата безбедна можност, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови – соопшти вчера македонското МНР.
Македонска амбасада во Абу Даби соопшти дека се разгледува можноста за евакуација на македонските граѓаните што се затечени во ОАЕ, преку копнената граница на Султанатот на Оман.
– Исто така, нагласуваме дека oграничен број летови беа во можност да ги напуштат ОАЕ, преку аеродромот на Абу Даби и Дубаи, кои беа цел на нападите од Иран. Со овие летови беа евакуирани само патниците што биле затечени во трансфер-зоните по овие аеродроми. Во таа насока, Амбасадата на Република Македонија во Абу Даби е во континуирана комуникација со властите на ОАЕ, со цел да организира и да се разгледа можноста за евакуација и со други летови, веднаш по добивањето дозвола дека воздушниот простор на ОАЕ е безбеден за летање – се наведува во објавата на македонската Амбасада во Абу Даби, на нејзиниот фејсбук-профил. (Б. Ѓ.)
Приватните авиотаксија најбарани, се плаќа до 85.000 евра
Медиумите пренесуваат дека малите приватни авиони станале најбаран вид превоз, при што особено богатите клиенти не прашуваат за цена само за да отпатуваат од кризното подрачје.
– Лет од Дубаи до Турција со приватен авион сега чини околу 85.000 евра, речиси трипати повеќе отколку што е вообичаено. Но, понудата е мала, оти осигурителните компании ги заострија правилата, а сопствениците на авиони одбиваат да ризикуваат – објави хрватскиот портал vecernji.hr.












