Според Обединетите нации, Европа стана новата главна дестинација за кокаин. Оваа дрога, некогаш поврзувана со богатите посетители на ноќни забави, стана широко распространета, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според податоците на Агенцијата за дрога на Европската Унија, помеѓу 2014 и 2024 година, уличните цени паднале, во просек, за 18 проценти, додека чистотата на кокаинот се зголемила за 44 проценти. Само минатата година, количината на траги од кокаин во градските отпадни води се зголемила за повеќе од една петтина. Агенцијата ја процени вредноста на европскиот пазар на 11,6 милијарди евра во 2021 година, додека Мајкл О’Саливан, поранешен директор на Центарот за поморска анализа и операции против наркотици, верува дека денес вреди околу 15 милијарди евра. Европските власти ја засилија борбата против шверцот со инвестирање во безбедноста на пристаништата и поблиска судска соработка, но криминалните групи сè уште се еден чекор понапред, истакнува ФТ.
Ирски морнарички офицер, кој побарал да остане анонимен, проценува за весникот дека органите за спроведување на законот запленуваат „можеби 10 проценти“ од кокаинот што се испраќа во Европа. ФТ наведува дека шверцот со кокаин во Европа почнал сериозно во 1980-тите, кога се обиделе колумбиските картели да се прошират надвор од заситениот американски пазар. На почетокот користеле јахти и моторни чамци, но од 1990-тите, поради зголемените количини дрога, ги замениле со контејнери со стока како овошје, како и со сè погенијални методи, вклучувајќи и директно испраќање „подморници за дрога“ во Европа. Шверцерите мешаат кокаин во прав со храна, пластика, текстил, картон, па дури и со кравја кожа за да го маскираат при транспортот, а потоа го изолираат во нелегални хемиски лаборатории. Еден од методите вклучува хемиска обработка на дрогата и нејзино нанесување на дрвен јаглен.
Во текот на изминатата деценија, европските земји запленија огромни количини кокаин, особено во големите пристаништа како што се Ротердам во Холандија и Антверпен во Белгија, но последниве три години има огромен пад, што многумина го гледаат како знак дека зголемените безбедносни мерки ги одвраќаат шверцерите од големите пристаништа. Затоа, пак, криминалните групи се вртат кон средноатлантскиот превоз како алтернатива, користејќи ГПС и сателитска технологија. Ваквите пратки може да вклучуваат рибарски бродови или големи трговски „матични бродови“, кои ја пренесуваат дрогата на помали бродови. Понекогаш тие, исто така, транспортираат стока со ниска вредност, како што се користени трактори, за да изгледа патувањето како легитимна деловна операција. Друга можност е рибарските бродови, глисерите или полуподморниците контролирани од криминалните групи, кои транспортираат само дрога, да се среќаваат на море за претовар. Шверцерите, исто така, ги потопуваат контејнерите, кои подоцна се отвораат со помош на тајмер, дозволувајќи ѝ на дрогата да излезе на површината и да биде извадена. Во организирањето на транспортот и дистрибуцијата на кокаинот, заедно со големите бразилски и мексикански картели, важна улога имаат и различни балкански криминални групи.












