| Петиција на вработени во водечките технолошки компании, по инцидентот со „Опен АИ“: |
Повеќе од 1.000 вработени во водечките технолошки компании, вклучувајќи ги „Опен АИ“, „Антропик“ и „Мета“, потпишаа петиција со која се повикува американската Влада намерно да го забави развојот на вештачката интелигенција.
Меѓу потписниците се истакнати поединци, како што се извршниот директор на „Антропик“, раководителот на истражувањето во „Опен АИ“ и главниот научник во „Мета АИ“, пишува „Еуроњуз“. Со петицијата се бара од американската Влада да ги поддржи меѓународните напори за развој на технички алатки и рамки за управување, кои се нужни за забавување на напредната вештачка интелигенција.
–Водечките светски компании за вештачка интелигенција веруваат дека се блиску до автоматизирање на истражувањата за вештачка интелигенција. Тешко е да се предвиди точно колку ќе го забрза тоа напредокот, но постои реален ризик да се забрза развојот на способностите толку многу што повеќе нема да можеме да ги разбереме или контролираме овие системи – се предупредува во петицијата.
Петицијата е директен одговор на неодамнешниот безбедносен инцидент во „Опен АИ“, која стои зад популарниот „Чет џи-пи-ти“. Компанијата откри дека два од нејзините модели на вештачка интелигенција независно извршиле кибернапад при внатрешно тестирање и успешно ги заобиколиле безбедносните протоколи. Според официјалните информации, моделите ја пробиле својата тест-средина, се поврзале на Интернет и се инфилтрирале во платформата за размена на код „Хагинг фејс“.
Иако Сем Алтман, извршен директор на „Опен АИ“, не ја потпиша петицијата, тој рече дека развивачите на вештачка интелигенција, можеби, ќе мора доброволно да го забават напредокот за да му дадат време на општеството да се приспособи.
– Ова е првиот безбедносен инцидент што ме погоди лично и силно – рече Алтман во поткаст, додавајќи дека е малку изненаден што повеќе луѓе немале слична реакција.
Ова не е првпат модел на вештачка интелигенција да дејствува надвор од контролата на своите креатори, но најновиот случај се смета за особено сериозен.












