Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска беше дел од јавно-приватен дијалог што ги обедини претставниците на институциите, бизнис- заедницата и младите од Општина Кисела Вода.
Настанот се реализира како дел од проектот за мобилизирање на малите и на средните претпријатија како лидери против корупцијата, чиј организатор и кофинансиер е Фондацијата „Конрад Аденауер“, заедно со Европската Унија.
– Отворената дискусија и размената на искуства, ставови и предлози меѓу учесниците треба да придонесе за формулирање на конкретни препораки за подобрување на локалните политики и за унапредување на антикорупциските механизми. Во фокусот на дијалогот беа клучните предизвици со кои се соочуваат компаниите на локално ниво, со осврт на транспарентноста, јавните набавки и на административните процедури, кои директно влијаат врз деловното опкружување. Дополнителен акцент беше ставен на улогата на локалните институции, како и на важноста од вклучувањето на жените претприемачи и на младите во градењето на правична бизнис-клима – соопштија од Општина Кисела Вода.
Во своето обраќање, градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска ја потенцираше цврстата определба на Општината за создавање стимулативна бизнис-средина преку владеење на правото, поврзувајќи го економскиот напредок со најважната цел: иднината на младите.
– Корупцијата не е само изолиран предизвик туку и сериозна пречка за економскиот напредок, ја нарушува лојалната конкуренција и ја урива довербата на граѓаните. Одговорот на овој предизвик лежи во бескомпромисното законско работење и во апсолутната транспарентност. Овие два принципи се најсилните алатки за спречување на корупцијата и тие се темелот на нашето работење како локална самоуправа. За нас е од суштинско значење да ги слушнеме вашите барања и потреби директно, во прво лице и токму за таа намена во Општината е оформен Совет на стопанственици, кој активно функционира. Секој наш чекор кон зајакнување на деловниот сектор врз основа на транспарентноста и интегритетот води кон најважната цел: задржувањето на младите во Македонија. Силна бизнис- заедница значи реална можност за кариерен напредок, финансиска стабилност и главен мотив за младите да го градат својот живот тука, во својата земја – истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Пред присутните стопанственици и млади луѓе од Општина Кисела Вода, свое обраќање имаа и претседателката на Здружението на бизнис-жени, Валентина Дисоска, и претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Александар Цеков.
Тие ја истакнаа неопходноста од заедничка соработка за надминување на корупциските ризици.
На самиот крај од настанот беше истакнато дека претставниците на малите и на средните претпријатија ќе имаат можност да присуствуваат на бесплатна обука, преку која ќе може да се стекнат со сертификатот „Бизнис со интегритет“.












