Со инвестиција од околу 46 милиони евра ќе се модернизираат шест големи хидроелектрани во земјава – „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“ и „Глобочица“. Проектот опфаќа три хидроенергетски системи – „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“, а средствата се обезбедени преку заем од германската развојна банка КФВ и грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Од вкупната инвестиција, 35 милиони евра се заем од КФВ, додека околу 10,7 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.
Со модернизацијата е предвидена замена на застарената опрема, со што, според АД ЕСМ, треба да се намалат прекините во работата, да се продолжи работниот век на постројките и да се зголеми нивната оперативна безбедност. Очекувањата се проектот да придонесе и за посигурно балансирање и испорака на електрична енергија во електроенергетскиот систем.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, вели дека модернизацијата ќе донесе директни ефекти врз производството и приходите на компанијата.
– Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати. Со тоа, обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија – изјави Узунчев. Според него, зголеменото производство, како и поголемиот обем на системски балансни услуги, се очекува да обезбедат најмалку пет милиони евра дополнителни годишни приходи за ЕСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека модернизацијата ќе придонесе за зголемување на производното портфолио на ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија.
– Во периодот што следува, АД ЕСМ ќе може голем дел од своите производни капацитети, посебно кога зборуваме за хидроелектраните, да ги модернизира, а со самата модернизација практично да се зголеми и произведеното количество електрична енергија – рече Мицкоски.
Тој посочи дека модернизираните хидроцентрали ќе овозможат и поголема флексибилност на електроенергетскиот систем, преку можност за секундарно и терцијарно приспособување. Мицкоски рече дека проектот за рехабилитација на хидроцентралите се подготвувал подолг период и оти за оваа фаза се разговарало уште во периодот кога бил директор на АД ЕЛЕМ.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, посочи дека Северна Македонија располага со значаен хидропотенцијал, но дека за негово поефикасно искористување е потребно модернизирање на постојните постројки.
– ЕУ придонесе за ревитализација на шест хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата – изјави Рокас.
(С. Бл.)












