Пензискиот систем во Македонија има потреба од нова формула што подобро ќе ги одразува должината на работниот стаж и придонесите уплаќани во текот на работниот век, смета директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов.
Мемов посочи дека не може на ист начин да се третираат осигурениците што 15 години уплаќале придонеси во системот и оние со 40 години работен стаж. Според него, идните реформи треба да обезбедат поголема правичност и да ја зачуваат врската меѓу висината на уплатените придонеси, должината на стажот и висината на пензијата.
Тој оценува дека треба постепено да се приспособува сегашниот систем за да остане финансиски одржлив, но и да не создава чувство дека долготрајното плаќање придонеси не е соодветно вреднувано.
Пензискиот систем подолг период е предмет на дебата поради растот на расходите, демографските промени и потребата значаен дел од средствата за исплата на пензиите да се обезбедуваат и преку државниот буџет.
Паралелно се разгледуваат и други можни реформи, меѓу кои промени во вториот пензиски столб, воведување мултифондови и можност за откуп на стаж за граѓаните што немаат доволно години за остварување на правото на пензија.
Мемов и претходно нагласуваше дека реформите не значат дека е доведена исплатата на пензиите во прашање. Според него, државата ја гарантира исплатата, но потребни се долгорочни решенија за поголема стабилност и за одржливост на системот.
Во актуелниот модел, висината на пензијата зависи од повеќе фактори, меѓу кои должината на пензискиот стаж и основицата на која се плаќале придонесите. Токму односот меѓу стажот, придонесите и висината на пензијата се очекува да биде едно од клучните прашања во идните реформи.












