среда, октомври 7, 2026
Дома СКОПСКА Стаменкоска  -Трајкоска ги слушна проблемите на Драчевчани

Стаменкоска  -Трајкоска ги слушна проблемите на Драчевчани

59

Во рамките на тековниот циклус теренски посети низ месните и урбаните заедници во општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, придружувана од раководителите на секторите од општинската администрација, вчеравечер остварила работна средба со жителите на месната заедница село Драчево.

-Овој отворен собир претставуваше одлична можност за непосреден разговор за досегашните резултати, како и за плановите за идните инвестиции во оваа населено место. Во делот на реализираните проекти, присутните упатија благодарност до Општината за покривањето на каналот долж реката Мала Рада, редовното одржување на хигиената во месната заедница, како и за успешното асфалтирање на улицата „Речиште –  информираа од Општина Кисела Вода.

Покрај освртот на сработеното, на средбата детално се разговарало и за идните приоритети и барања на локалното население. Во насока на подобрување на инфраструктурата и безбедноста, граѓаните побарале асфалтирање на дополнителен крак од улицата „Речиште“, како и решавање на проблемот со шахтите на овој потег. Исто така, била истакната потребата од поставување „Safe City“ камери на улицата „Драчевска“, конкретно во делот кај ООУ „Св. Климент Охридски“ и на влезот во село Драчево.

-Жителите посочија и неколку комунални и административни предизвици, меѓу кои чистење на дивата депонија што се создава во полето, решавање на долгогодишниот проблем со обележувањето на катастарските парцели и нивно приватизирање, како и барање за редовни инспекциски надзори над нелегалните градби – нагласија општинските власти.

Дополнително, било побарано поредовно собирање на комуналниот отпад од страна на ЈП „Комунална хигиена“, кое е под ингеренции на Град Скопје.

-Сите изнесени предлози, забелешки и барања беа детално нотирани од страна на стручните општински служби со цел нивно натамошно решавање. Теренските средби продолжуваат и во наредниот период, при што со овој циклус посети ќе бидат опфатени сите месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода – наведуваат од локалната самоуправа.

 

 

ИЗДВОЕНИ