среда, октомври 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НЕМА СОГЛАСНОСТ ОКОЛУ БАРАЊАТА ЗА ПРОВЕРКА НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ: Опозицијата бара ветинг, власта...

НЕМА СОГЛАСНОСТ ОКОЛУ БАРАЊАТА ЗА ПРОВЕРКА НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ: Опозицијата бара ветинг, власта нуди проверка преку УЈП и полиграф

УЈП може и сега да направи ветинг и нема потреба да се чека закон, а може и на полиграф да се отиде, изјави денеска македонскиот премиер, Мицкоски

42
Particle view. Suspicious man passes lie detector in the office. Asking questions. Polygraph test.

Власта и опозицијата се на различни позиции околу идеите за проверка на поранешни и на актуелни функционери. Откако опозицискиот СДСМ одново ја актуализира темата за проверка на функционерите преку вршење ветинг, за што се планира поднесување закон, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не треба да се чека на закон, бидејќи веќе постои механизам за проверка, а тоа е полиграфот.

– Нека има предлог-закон, никој не го спори тоа. Но, и сега може УЈП да направи ветинг, да провери. Имаат и сега алатки да проверат како се стекнува со златни визи на егзотични дестинации како Дубаи, колкав влог треба за да се стекнете со таква виза, како се ужива на скапи јахти на егејското крајбрежје итн. УЈП и сега може да провери како возат политичари скапи автомобили, сопственост на фирми што добивале тендери за јаглен, па како се уплаќани средствата на фирми во Бугарија и така натаму. Еве, нека биде ова еден почеток на тој процес на ветинг. Тоа може УЈП и сега веднаш да го направи, нема потреба да чека. Дури може и на полиграф да се отиде, па таму секој од политичарите да каже колку крадел, како крадел, од оние од опозицијата, се разбира – изјави денеска Мицкоски во текот на престојот во скопската општина Шуто Оризари.

Опозицискиот СДСМ, во својата нова програмска платформа „Твоја држава – твоја шанса“, објави дека се залага за „ветинг до корен“. Така, се наведува дека ќе се направи безмилосна проверка на потеклото на имотот на сите функционери од осамостојувањето на државата од 1991 година до денес и конфискација на нелегално стекнатиот имот. Потоа, ветинг и во правосудството, со проверка на капиталот и на професионалниот интегритет на судиите и на обвинителите, како и укинување на сите законски заштити и имунитет. Лидерот на оваа партија, Венко Филипче, завчера изјави дека со предложениот закон за ветинг би биле опфатени сите функционери без исклучок, вклучително и тој самиот, како и поранешни и актуелни функционери од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Во процесот, како што посочи, би биле вклучени и странски експерти, а би се проверувало и потеклото на имотот.

Филипче најави и проверка на имотот на најголемите компании, кои, како што рече, во изминатите повеќе од 10 години работеле со државата и оствариле екстра профити.

И опозициската партија ДУИ се залага за ветинг на функционерите, при што пред парламентарните избори во 2020 година поднесе и предлог-закон во Собранието. Но, предлогот не дојде на ред за гласање поради распуштањето на Парламентот. Оттогаш досега не е поднесен ниту еден предлог на ваков закон. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ