недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се бара итно прогласување на заштитено подрачје за Кожув

Се бара итно прогласување на заштитено подрачје за Кожув

29

Кожув се издвојува како едно од најзначајните природни планински подрачја во државата поради својот исклучително богат биодиверзитет, разновидните геолошки и хидролошки појави и присуството на ретки и ендемични видови.

Токму поради ова, експерти, институции и претставници на локалната заедница бараат негово итно прогласување и управување како заштитено подрачје.

Во Народниот театар во Гевгелија неодамна се одржа форумот „Дијалог за иднината на Кожув“, организиран од Центарот за климатски промени и Фондацијата за локален и ИТ-развој од Гевгелија. На форумот беа презентирани научни и стручни анализи за природните вредности на планината и потребата од долгорочна заштита.

Кожув се одликува со разновиден релјеф, карстни и глацијални форми, палеовулкански структури, бројни извори и водотеци, како и развиени шумски и планински екосистеми. Овие природни карактеристики ја прават планината еден од највредните природни комплекси во регионот.

Особено значење има биолошката разновидност, при што се регистрирани ендемични и ретки видови како алшарската темјанушка (Viola allchariensis), арсеновата темјанушка (Viola arsenica), алшарската матерка (Thymus alsarensis) и кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis), кои имаат висока научна и заштитна вредност.

Дополнително, Кожув е веќе дел од Емералд-мрежата според Бернската конвенција и е идентификуван како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки, што претставува меѓународно признание за неговата еколошка важност.

На форумот беше нагласено дека заштитата на Кожув не се однесува само на зачувување на природата туку и на создавање услови за одржливо управување со ресурсите, зајакнување на отпорноста на климатските промени и развој на локалните заедници преку одржливи модели.

Како заклучок беше истакнато дека Кожув бара итна, системска и долгорочна заштита, а во следниот период се предлагаат теренски истражувања и детална анализа на биолошката и пределската разновидност, како и социо-економските аспекти, со цел утврдување на соодветен степен на заштита и модел на управување.

ИЗДВОЕНИ