Средношколци и студенти во неколку хрватски градови најавија целодневен бојкот на наставата за 20 ноември, како дел од меѓународен младински штрајк. Според организаторите, наставата ќе се бојкотира во средните училишта и на универзитетите во Загреб, Риека, Пула, Задар и Осиек. Целта е да се сврти вниманието на властите кон прашања како што се домувањето, високите трошоци за живот, состојбата на јавните услуги и милитаризацијата, пренесува „Индекс“.
Штрајкот е организиран од иницијативата „Младински штрајк во Хрватска“ и е дел од меѓународно движење кое, под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“, најави протести во 25 европски земји.
„Преку овој целодневен бојкот на наставата, сакаме да испратиме јасна порака до јавноста и до владата: младите сакаат иднина во Хрватска – овозможете ни ја“, наведоа организаторите во соопштението за јавноста.
Нивните барања вклучуваат подостапно и поевтино домување за младите, намалување на трошоците за живот, како и подобрување на квалитетот на здравството, образованието и науката. Тие, исто така, се залагаат за демилитаризација, справување со уништувањето на животната средина и спречување на идни екоциди.
Тие ги поканија медиумите да ги посетат училиштата и универзитетите што учествуваат во акцијата на 20 ноември, за да известуваат за активностите на учениците и студентите. Од иницијативата изјавија дека овој еднодневен бојкот нема да биде крај на нивните напори, бидејќи планираат да продолжат со понатамошни протести.
„Нашиот штрајк започнува на 20 ноември, но не планираме да застанеме на еден ден или на еден штрајк; напротив, сакаме упорно да се бориме за нашата иднина“, изјавија организаторите.












