
Амерканците денеска излегуваат на гласање за среднорочните избори за Конгресот, кои се сметаат за клучен тест за поддршката на претседателот Доналд Трамп на половина од неговиот втор мандат. Гласачите избираат 435 членови на Претставничкиот дом и 35 од 100-те сенатори. Републиканците моментално ги контролираат двата дома на Конгресот, а овие избори би можеле значително да ја променат рамнотежата на моќта во Вашингтон.
Демократите се надеваат дека ќе го искористат незадоволството од политиките на Трамп, зголемените трошоци за живот и војната со Иран за да преземат контрола врз Конгресот и да ја ограничат моќта на претседателот. Анкетите покажуваат дека тие имаат предност во трката за Претставничкиот дом, додека битката за Сенатот останува понеизвесна. Во последните недели, Трамп активно учествуваше во кампањата, повикувајќи ги своите поддржувачи да гласаат за републиканските кандидати.
На платформата „Трут соушал“ (Truth Social), Трамп го обвини весникот „Дејли мејл“ дека неговата шега – за преименување на базенот пред Меморијалот на Линколн – ја претставиле како сериозна најава.
„’Дејли мејл’ погрешно ја сфати мојата шега кажана на претседателска прес-конференција – одржана вчера покрај прекрасниот базен пред Меморијалот на Линколн. Се однесуваа како да не се шегувам кога реков дека ќе го наречам ‘ТРАМП’“, напиша тој.
Тој исто така појасни дека ова не бил неговиот последен говор во кампањата, туку прес-конференција. Тврди дека својот последен говор го одржал претходниот ден во Ајова и Канзас, пред публика од 50.000 луѓе. „Ова само покажува колку се ЛАЖНИ вестите. Јасно кажав: ‘Само се шегувам’. Лажните вести се толку корумпирани!“ напиша тој.
На денешните избори, Американците одлучуваат кој ќе го контролира Конгресот, што ќе влијае врз тоа колку успешно Доналд Трамп ќе може да ги спроведува своите политики во преостанатите две години од неговиот мандат, пишува хрватски „Индекс“.











