вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ Шпанскиот министер за транспорт поднесе оставка по железничката трагедија во која загинаа...

Шпанскиот министер за транспорт поднесе оставка по железничката трагедија во која загинаа 69 лица

12
EPA/UME HANDOUT

Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, поднесе оставка по тешката железничка несреќа во градот Урда, во која животот го загубија 69 лица, а околу 200 беа повредени. Тој ја соопшти својата одлука на крајот од четиричасовното обраќање пред шпанскиот Конгрес, при што одговараше на прашања поврзани со околностите на несреќата.

„Министерот за транспорт на земја како Шпанија не може да остане на функцијата по две несреќи за помалку од една година“, изјави Пуенте, додавајќи дека одлуката да се повлече ја донел веднаш по трагедијата, водејќи се од чувството за лично и политичко достоинство, пренесува „Еуроњуз“.

Тој исто така најави дека нема да биде носител на изборната листа на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) во изборната единица Ваљадолид за изборите закажани за 29 ноември.

„Никој не е поголем од организацијата на која ѝ припаѓа. Моето его никогаш не било поважно од мојата партија“, рече Пуенте, како што пренесува весникот *Ел Паис*.

За време на своето обраќање, министерот ги отфрли критиките упатени кон работата на владата и истакна дека е започнат план за обнова на железничката инфраструктура во вредност од 780 милиони евра.

Сепак, тој повторно се осврна на одлуката на контролниот центар на државната железничка компанија „Адиф“ (Adif) да му дозволи на возот од типот „АВЕ“ (AVE) да го продолжи планираното патување откако безбедносниот систем „ЛЗБ“ (LZB) откажал – иако на пругата пред него се наоѓал запрен воз на компанијата „Ирио“ (Iryo). Остри критики од опозицијата и коалициските партнери.

Обраќањето на Пуенте беше проследено со тензична размена на ставови со претставници на опозицијата и на разни политички партии.

Естер Муњоз, портпаролка на Народната партија (ПП), му порача на министерот дека неговата одговорност не е да дава објаснувања за фаталните несреќи, туку да ги спречува.

Коалицискиот партнер „Сумар“ (Sumar) претходно исто така побара негова оставка, иако нагласија дека не го сметаат министерот за директно одговорен за самата несреќа.

Габриел Руфијан, претставник на партијата „ЕРЦ“ (ERC), истакна дека човечката грешка не може да се разгледува изолирано, туку таа е одраз на пропустите во целиот безбедносен систем. По објавувањето на неговата оставка, пратениците од PSOE станаа и му аплаудираа на Пуенте. Претставникот на ERC, Габриел Руфијан, му пријде, му подаде рака, а потоа го прегрна.

По своето обраќање, Пуенте откри дека го известил шпанскиот премиер Педро Санчез за својата намера да поднесе оставка, само неколку минути пред јавно да ја објави одлуката.

Тој изјави дека претходно не ја споделил својата одлука дури ни со најблиските соработници во Министерството за транспорт. За својата намера да се повлече разговарал со семејството неколку часа откако дознал за несреќата на линијата за брзи возови Мадрид – Севиља.

Тој ја презеде функцијата министер за транспорт на 21 ноември 2023 година; во тоа време, како клучни приоритети ги истакна подобрувањето на безбедноста во јавниот превоз и модернизацијата на транспортната инфраструктура.

ИЗДВОЕНИ