Пратениците во Народното собрание на Република Србија денеска ја продолжија конститутивната седница на новиот, 15-ти состав, при што на дневен ред беше изборот на претседател на Собранието. За функцијата претседател на Народното собрание беа предложени двајца кандидати.
Пратеничката група „Студентска листа“ го предложи Александар Чупиќ за оваа функција, додека групата „Александар Вучиќ – Србија победува“ го предложи Стојан Раденовиќ. По јавното гласање на пратениците, за претседател на Народното собрание на Србија беше избран Александар Чупиќ. За Раденовиќ гласаа 97 пратеници.
За Чупиќ гласаа 140 пратеници.
Пратеничката група „Студентите победуваат“ има 140 пратенички места, додека пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“ има 103 места.
Пратениците од листите на националните малцинства – кои бројат седум од вкупно 250 пратеници во Собранието – претходно најавија дека ќе го поддржат Чупиќ.
Според Деловникот, претседател на Народното собрание е пратеникот кој ќе добие гласови од мнозинството од вкупниот број пратеници.
Конститутивната седница започна во вторникот, кога беа потврдени мандатите на сите 250 пратеници, со што беше конституиран новиот состав на Собранието.
Беа формирани две пратенички групи: „Студентска листа“ и „Александар Вучиќ – Србија победува“.
За шеф на пратеничката група „Студентска листа“ беше избран Јово Бакиќ, а за шеф на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“ беше избран Александар Вучиќ. Покрај членовите на овие две пратенички групи, во новиот состав на Собранието има и седум пратеници избрани од листите на националните малцинства.
Со конституирањето на српското Собрание започна да тече рокот од 90 дена за формирање на нова Влада.












