На премиерата на филмот „Сладоста на горчливите нешта“ во Талин присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. – Филмот беше одлично прифатен од присутните, а во реакциите особено беа издвоени актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на Волкашин и визуелната поетика на филмот. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата, се посочува во соопштението од Агенцијата за филм
Дебитантскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“, по сценарио и во режија на Андреј Волкашин, ја имаше својата светска премиера на 17 ноември во Аполо Кино Плаза во Талин, во рамките на натпреварувачката програма за дебитантски долгометражни филмови на 30. Филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин.
На премиерата присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. По проекцијата следуваше разговор со публиката, посветен на создавањето на филмот, неговите ликови и темите за љубовта, личната слобода и општествените очекувања.

– Филмот беше одлично прифатен од присутните, а во реакциите особено беа издвоени актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на Волкашин и визуелната поетика на филмот. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата, се посочува во соопштението од Агенцијата за филм.
Дејството на филмот „Сладоста на горчливите нешта“ ја следи Дора, жена која животот го посветила на семејството. Грижата за една повредена непозната жена ја соочува со долго потиснуваните чувства и ја поттикнува да ги преиспита сопствените желби и избори.
– Преку приказната за Дора сакав да истражам што се случува кога љубовта ќе нè соочи со самите себе, со нашите стравови и со сè она што сме го потиснувале. Се надевам дека публиката ќе ги разбере нејзините чувства и ќе препознае дека луѓето се сложени суштества и дека секој има право да живее автентично и сам да избере кого ќе сака, вели режисерот и сценарист Андреј Волкашин.
Инспирацијата ја пронашол во неговиот роман „Тажна приказна за среќни луѓе“, но филмот не претставува негова екранизација.
Продуцентката Елена Станишева ја нагласува комуникацијата што филмот ја воспоставува со меѓународната публика.
– За мене, како продуцентка, најголемата вредност на еден филм е неговата способност да допре до меѓународната публика и да воспостави комуникација со неа, независно од различните културни и општествени контексти. Иако во својата основа е приказна за забранетата љубов, филмот отвора пошироки прашања за изборите што ги правиме, нашите стравови, копнежи и желби, особено кога тие се во конфликт со правилата и очекувањата во кои сме воспитани и според кои живееме. Верувам дека токму во тој судир лежи неговата универзалност. Особено ми е драго што филмот предизвикува реакции, допира до публиката и поттикнува дискусија, истакнува Станишева.
За директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, пак, премиерата го потврдува значењето на поддршката на новите авторски гласови.
-Светската премиера во Талин е значаен чекор за Андреј Волкашин и целата екипа. Поддршката на дебитантските остварувања е вложување во иднината на македонската кинематографија, а нивното присуство во меѓународните натпреварувачки програми отвора простор за нови публики и професионални можности. Честитки до екипата за посветеноста и за ова значајно претставување на македонскиот филм. По сета работа што ја вложи екипата, овој успех е особено сладок, изјави Мицевски.
Главниот лик во филмот, Дора, го толкува актерката Зорица Нушева.
– Станува збор за лик што е длабоко, емотивно слоевит и во многу наврати контрадикторен, како што е и самиот наслов на филмот „Сладоста на горчливите нешта“. Така и Дора, која се движи меѓу грижата, страстите, тајната и вината. Таа е постојано во борба меѓу грижата за семејството и куќата, од една страна, и искрените желби и страсти, од друга страна, меѓу светлината на домот и темнината на сопствените сенки. Жена што ја истражува својата сексуалност, но со вина и со страв од осуда, што не е реткост, особено кај жените што доаѓаат од рурални и од патријархални општества. И токму во таа контрадикторност се наоѓаат човечноста и силата, а во исто време и кревкоста на ликот, истакна претходно актерката Нушева.

Покрај Нушева, Поповиќ и Никодиновска, другите улоги во филмот ги толкуваат Ана Костовска и Гораст Цветковски. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценограф е Бојана Бучварова, арт-директор Влатко Чачоровски, монтажер Невелин Вулчев, музиката е на Ален и Ненад Синкауз, дизајнер на звук Марко Наумовски, костимограф Илина Чолак, а шминка и фризура – Симона Ристевска. Филмот се снимал во селото Петрово, Гевгелиско, како и во Демир Капија.
„Сладоста на горчливите нешта“ е во продукција на „Веда Филм“, со продуцентката Елена Станишева, во копродукција со „Скрининг емоушнс“ од Бугарија и „Студио Корвус“ од Хрватска. Реализиран е со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, Бугарскиот национален филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар и паневропскиот фонд „Еуримаж“. (Н. И. Т.)












