Ова признание претставува значајна регионална афирмација на реформските заложби на Министерството и потврда дека институционалните иновации, дигитализацијата и систематскиот пристап кон управувањето со реформските процеси се препознаваат како важни двигатели на модерната јавна администрација.
Наградената ИТ-алатка претставува дигитално решение за следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кое овозможува поврзување на институциите, централизирано следење на реформските активности и навремен увид во степенот на реализација на преземените обврски. Преку неа се опфатени околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, со можност за следење во реално време, подобра координација и поефикасно известување за напредокот на реформите.
Посебната вредност на ова решение е во тоа што реформскиот процес го прави посистематичен, потранспарентен и поодговорен. Наместо реформите да останат само збир на стратешки определби и институционални обврски, алатката овозможува нивно континуирано следење, идентификување на предизвиците и создавање основа за навремено преземање соодветни мерки. На тој начин, дигиталната технологија се става во функција на подобро институционално управување и мерлив реформски напредок.
Дополнителна вредност на ИТ алатката е нејзиниот потенцијал за поширока институционална примена.
Конкретен пример за тоа се Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи, кои врз основа на склучени меморандуми за соработка, ја презедоа ИТ алатката и се во фаза на нејзина адаптација за следење на сопствените стратешки документи и акциски планови.
Овогодинешните награди за јавна администрација бележат исклучително голем интерес, со повеќе од 100 пристигнати апликации од институции од Западен Балкан и Источното соседство. Во рамки на категоријата специјални признанија, проектот на Министерството за јавна администрација е издвоен меѓу практиките што демонстрираат иновативност, институционална применливост и потенцијал за унапредување на јавниот сектор.
Признанието добива дополнителна тежина имајќи предвид дека станува збор за регионална иницијатива која ги афирмира успешните реформски практики, поттикнува размена на знаења и искуства и создава простор за пренесување на иновативни решенија меѓу јавните администрации.
За Министерството за јавна администрација, ова признание е поттик и обврска реформските процеси да продолжат со уште посилна динамика, со јасна насоченост кон резултати, институционална одговорност и квалитетни јавни услуги.












