четврток, ноември 19, 2026
Дома БАЛКАН Зимата пристигнува порано од кога било: На Северниот пол се слушува нарушување...

Зимата пристигнува порано од кога било: На Северниот пол се слушува нарушување што не е видено половина век

0

Во поларниот вртлог, кој го задржува студениот арктички воздух на северот, е забележана промена на насоката на ветровите порано отколку во која било година од почетокот на мерењата во 1958 година. Оваа невообичаена појава го привлече вниманието на метеоролозите и отвори прашања за тоа дали Европа оваа зима може да се соочи со екстремно ниски температури и обилни снежни врнежи.

Поларниот вртлог, познат и како поларен вортекс, претставува огромна област на студен воздух и силни ветрови кои кружат околу Северниот Пол, на височина од 10 до 50 километри над Земјината површина.

Неговата основна улога е да го задржува студениот арктички воздух во поларните области. Додека вртлогот е стабилен и силен, ниските температури главно остануваат на северот.

Меѓутоа, кога ќе ослабне или ќе дојде до негово нарушување, студените воздушни маси можат да се спуштат кон југ и да донесат нагло заладување во делови од Европа, Северна Америка и Азија, пренесува „Еуроњус“.

Иако слабеењето на поларниот вртлог не е ретка појава, овогодишниот настан привлече посебно внимание поради тоа што се случи невообичаено рано.

Најрана ваква појава од почетокот на мерењата

Силните западни ветрови кои вообичаено кружат околу Арктикот ја променија насоката, што претставува најран забележан случај од почетокот на мерењата во 1958 година. Слична промена претходно била забележана на 28 ноември 1968 година, а повторно и во 2025 година, пишува „Financial Times“.

Експертите го оценуваат настанот како исклучителен, но засега не можат со сигурност да проценат какви последици ќе има врз зимските временски услови на северната хемисфера.

Тим Стокдејл, главен научник во Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), истакнал дека ова би можел да биде уште еден пример за невообичаено однесување на атмосферските системи на Земјата, какво што досега не било забележано.

Што го предизвикува нарушувањето на поларниот вртлог?

Една од главните причини за слабеењето на поларниот вртлог е феноменот познат како нагло стратосферско затоплување. Во текот на овој процес, температурата во стратосферата, високо над Арктикот, може нагло да се зголеми за само неколку дена.

Поради тоа слабат западните ветрови кои кружат околу Северниот Пол, па вртлогот може да ја промени својата положба и форма, да се подели на повеќе делови или дури да започне да се врти во спротивна насока, објаснува „Дојче Веле“.

Ваквото нарушување може да влијае и врз млазната струја – појас од силни ветрови во пониските слоеви на атмосферата, кој го раздвојува студениот арктички воздух од потоплиот воздух од југ.

Кога ќе се промени нејзиното вообичаено струење, студениот воздух може да навлезе во јужните области. Последиците од овие промени на временските услови на површината на Земјата најчесто се чувствуваат по една до две недели.

Што го предизвика овогодишното рано слабеење?

Особено е невообичаено тоа што наглите стратосферски затоплувања најчесто се случуваат во текот на јануари и февруари. Затоа научниците се обидуваат да утврдат што довело до овогодишното рано слабеење на поларниот вртлог.

Како еден од можните фактори се наведува силниот феномен Ел Нињо, климатска појава поврзана со затоплувањето на површинските води во тропскиот дел на Тихиот Океан.

Овој феномен влијае врз глобалните временски обрасци и може да предизвика атмосферски бранови кои се движат кон Арктикот, каде што влијаат врз стабилноста на поларниот вртлог, пренесува „Еуроњус“.

Британската метеоролошка служба „Met Office“ укажала на можна поврзаност меѓу двата феномена. Сепак, научниците сметаат дека Ел Нињо сам по себе веројатно не е доволен за да објасни зошто поларниот вртлог ослабнал толку рано оваа година.

Друго можно објаснување се однесува на невообичаено топлата океанска вода северно од Скандинавија и западна Русија.

Поради намалувањето на површината покриена со морски мраз во оваа област, океанот ослободува повеќе топлина во атмосферата. Според одредени истражувања, токму овој процес би можел дополнително да ја наруши стабилноста на поларниот вртлог, пренесува „Ројтерс“.

Доаѓа ли исклучително студена зима во Европа?

Слабеењето на поларниот вртлог ја зголемува можноста за навлегување на студен арктички воздух кон југ, но тоа не значи дека цела Европа или Северна Америка ќе имаат исклучително студена зима.

Какви временски услови ќе преовладуваат зависи и од другите атмосферски процеси, кои можат да ги засилат или ублажат последиците од нарушувањето.

Истражувањата покажуваат дека во приближно две третини од случаите по наглото стратосферско затоплување, северна и северозападна Европа се соочуваат со постудени и посуви временски услови од вообичаените за тој период од годината.

„Ѕверот од исток“ повторно е потсетник за можните последици

Слични ситуации се случувале и во минатото. Еден од најпознатите примери е таканаречениот „Ѕверот од исток“ (Beast from the East), кој на почетокот на 2018 година донесе исклучително ниски температури во централните и западните делови на Европа. Овогодишното нарушување би можело да ја зголеми и можноста за снежни врнежи во текот на наредните недели.

Сепак, бидејќи слабеењето на вртлогот се случило многу рано, воздухот што се спушта од Арктикот сè уште не е толку студен како што би можел да биде во подоцнежниот дел од зимата.

Научниците предупредуваат и на можноста за нов бран стратосферско затоплување во текот на зимата, што дополнително би можело да ги искомплицира временските услови.

Освен заладување, нарушувањето на поларниот вртлог може да донесе и посуво време во одредени северни области. Тоа би можело дополнително да го отежне обновувањето на резервите на вода во акумулациите и да ги зголеми проблемите со недостигот на влага во земјоделското земјиште, особено по сувото и топло лето.

Дали нарушувањата се поврзани со климатските промени?

Влијанието на климатските промени врз поларниот вртлог сè уште не е целосно разјаснето. Научниците засега немаат доволно цврсти докази за да потврдат директна врска меѓу глобалното затоплување и овогодишното нарушување.

Силата на поларниот вртлог природно се менува од година во година, но и во текот на подолги временски периоди.

Сепак, одредени истражувања укажуваат на можна поврзаност меѓу затоплувањето на Арктикот и промените во зачестеноста на нарушувањата на поларниот вртлог.

Оваа тема и понатаму е предмет на научни дебати, а за посигурни заклучоци ќе бидат потребни дополнителни истражувања и долгорочни метеоролошки набљудувања.

ИЗДВОЕНИ