Во спомен на легендарниот поп-пејач! Песната со Владо, Слаткар ја има напишано уште пред околу пет години, но поради секојдневните обврски, и двајцата постојано го одложуваа снимањето во студиото. Меѓутоа, се случи трагедија, Владо ненадејно почина, а песната остана во фиоките. Сега ќе заживее!
Популарниот македонски рапер Марко Маринковиќ-Слаткар, на 27 ноември, подготвува големо и пријатно изненадување за сите нас, а причината е навистина голема. На тој ден е роден легендарниот поп-пејач Владо Јаневски. Раперот сака роденденот на Владо, кој на Слаткар му е музички идол од првите денови на естрадата, уште од далечната 1993 година, да го одбележи на посебен музички начин. Ќе ја објави нивната заедничка песна, која со години останала недовршена. Слаткар ја сними песната со Владо уште пред околу пет години, но поради секојдневните обврски, и двајцата постојано го одложуваа снимањето во студиото. Меѓутоа, се случи трагедија, Владо ненадејно почина. Слаткар, тогаш со насолзени очи, му ја испеа неговата веќе познатата „Што и да е ќе помине“.
Јаневски, по кратко боледување, почина на 28 јуни годинава, на 65-годишна возраст, а Слаткар неколку дена подоцна откри дека тие двајца имаат песна која никогаш не ја објавиле. Тој сподели дел од снимката на нивната заедничка песна на „Инстаграм“, со емотивна порака за својот идол, но и голем другар и колега. – По последното испраќање на Владо во неговото вечно почивалиште, сфатив колку работи останале недовршени. Со години чувам една песна што ја снимивме заедно. Не затоа што не верував во неа туку затоа што секогаш кога работам со некој што безгранично го почитувам, сакам да го дадам својот максимум. Постојано мислев дека песната може уште подобро да звучи, па и од тие причини ја одложував.
Бев убеден дека ќе имаме доволно време повторно да работиме на неа. За жал, тоа време никогаш нема да дојде. Ветив дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден. Така ќе биде. Ти благодарам Владо за сè што направи за сите нас. Ќе ми недостигаш другар мој, емотивно порача Слаткар.
(Д. М.)












