Под ѕвезденото небо, во Градскиот парк во Скопје, вечерва се одржува концерт на Македонската филхармонија, која заедно со Софиската и Солунската, ја изведуваат величествената музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Обединети на сцената, уметниците од трите земји испраќаат силна порака дека културата нема граници и е најдобриот амбасадор на секоја држава.

Пред публиката настапуваат преку 200 музичари од Македонската, Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, како и хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на овој величествен проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, а вечерва и пред македонската публиката во Скопје.

Како солисти настапуваат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.


















