недела, јули 26, 2026
Дома БАЛКАН Спасувачите ги евакуираа телата на двајца планинари од БиХ на Елбрус, потрагата...

Спасувачите ги евакуираа телата на двајца планинари од БиХ на Елбрус, потрагата по уште тројца е привремено суспендирана

0

Спасувачите од руското Министерство за вонредни ситуации ги евакуираа телата на двајца планинари од Босна и Херцеговина кои загинаа на падините на планината Елбрус во руската република Кабардино-Балкарија, на надморска височина од 5.350 метри, објави во недела регионалната администрација на министерството.

„Телата на двајцата планинари беа евакуирани на ливадата Азау и предадени на истражната и оперативна група на надлежните органи“, се вели во соопштението, кое го пренесе руската новинска агенција Интерфакс.

Според министерството, снежна бура ги спречила спасувачите да ги пронајдат и евакуираат телата на преостанатите тројца планинари, поради што потрагата по членовите на странската експедиција е привремено прекината.

Во потрагата, според извештаите, учествуваат двојно повеќе спасувачи и опрема, но тројцата исчезнати планинари сè уште не се пронајдени.

Регистрирана група од седум планинари побара помош во саботата навечер откако нејзините членови не беа во можност сами да се симнат од седлото Елбрус.

Еден член од експедицијата успеа сам да се спушти и да повика помош, додека другиот беше пронајден и евакуиран од спасувачите. Двајцата беа предадени на лекарите.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави и видео од Елбрус на кое се гледаат исклучително тешките временски услови во кои се одвиваше спасувачката операција.

Врвот Елбрус се наоѓа во Кавказ. Неговиот западен врв, со 5.642 метри, се смета за највисок врв во Европа.

ИЗДВОЕНИ