Сo најновите измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, се предвидуваат драстични казни за недолично, сурово и нехумано однесување и за мачење на животни, кои ќе се движат и до 5.000 евра, додека, пак, за несоодветно чување и шетање куче, глобата е и до 400 евра. Измените што ги подготвуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство во координација со институции и здруженија, имаат за цел да се воведе поефикасен систем за контрола и одговорност и главно се насочени кон решавање на проблемот со напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и трговија, за што краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.

Иако од АХВ тврдат дека предлогот е доставен до ресорното министерство уште на почетокот на април, оттаму засега не потврдуваат прием. Во меѓувреме, најавени се јавни презентации низ државата, со цел да се вклучи пошироката јавност во процесот на донесување на законот

 

Драстични казни за недолично, сурово и нехумано однесување, мачење на животни кои ќе се движат и до 5.000 евра, како и казни од 400 евра за несоодветно чување и шетање куче предвидуваат најновите измени на Законот за заштита и благосостојба на животните. На сопственикот, пак, кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува чување миленици.

Измените што ги подготвуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство во координација со институции и здруженија, имаат за цел да се воведе поефикасен систем за контрола и одговорност и главно се насочени кон решавање на проблемот со напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и трговија, за што краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.

– Се забранува неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици… Се забранува чување домашен миленик – куче, постојано врзано на синџир или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор најмалку еднаш во денот, со цел да се задоволат неговите физиолошки и физички потреби… Се забранува зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели…  – се дел од измените предвидени со предлог-законот.

Со предложеното законско решение се предвидува и задолжителна стерилизација на домашни кучиња, забрана за продажба и давање на подарок домашни миленици од нерегистрирани одгледувачи, а одгледувачниците, пред да го направат тоа, ќе мора новите легла да ги пријават кај ветеринар, но и кому ги дале. Една мачка или кучка нема да смее да има повеќе од едно легло годишно.

Се предвидува и формирање на Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, но и сместување кај привремени вдомувачи. Регулирана е и регистрација на пансиони за миленици, продавници, одгледувачници.

Освен инспекторите на АХВ, должност да вршат контроли на спроведување на законот ќе имаат и Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори и на градот Скопје, како и МВР.

Законското решение е изготвено од Агенција за храна и ветеринарство, а усогласено со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, Министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението за заштита на животните „Анима мунди“, во рамки на Работната група за стратегија и управување со популацијата на бездомни животни.

Иако од АХВ тврдат дека предлогот е доставен до ресорното министерство уште на почетокот на април, оттаму засега не потврдуваат прием. Во меѓувреме, најавени се јавни презентации низ државата, со цел и пошироката јавност да се вклучи во процесот на донесување на законот.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ