Македон Димитровски и Дамјан Давков, со своите златни медали, ја издигнуваат Македонија меѓу најуспешните во областа на математиката. Успесите на чудото од дете се постигнати на Германската математичка олимпијада, а на штипскиот Питагора на првата Европска математичка олимпијада, каде што двајцата се закитија со највисоки одличја. Овие резултати претставуваат силна потврда за нивниот исклучителен талент

Македонија повторно има причина за гордост – две извонредни млади имиња кои со своето знаење, труд и посветеност ја ставаат државата на европската и светската мапа на врвни математички успеси. Од Тетово до Штип, од училишните клупи до меѓународните олимпијади, се испишува нова приказна за генерација што ветува иднина исполнета со знаење, дисциплина и шампионски дух.
Во центарот на вниманието е тетовецот Македон Димитровски, кој постигна историски успех на Германската математичка олимпијада. Со извонредни резултати, тој се враќа дома како двоен златен медалист – освојувајќи злато во индивидуалната конкуренција по математика, како и злато во математичкиот предизвик.
Неговите резултати не застануваат тука. Чудото од дете беше вклучено и во престижната група „лауреати“, признание резервирано само за најдобрите учесници на олимпијадата. Со тоа, тој не само што покажа врвно математичко знаење туку и достојно ја претстави Македонија на едно од најсилните европски натпреварувања.
Паралелно со неговиот успех, уште едно младо име во македонската јавност раскажа нова, златна приказна. Тоа е Дамјан Давков од Штип, кој освои златен медал на првата Европска математичка олимпијада одржана во Вилнус, Литванија, каде што се искачи на самиот врв на европската конкуренција.

Со овој резултат, Давков стана и севкупен победник на олимпијадата, делејќи го првото место со еден од најдобрите натпреварувачи од Казахстан. Неговиот успех е уште повпечатлив ако се земе предвид силната конкуренција од 19 европски земји и над 120 учесници.
– Едноставно се чувствувам добро кога решавам математички задачи – кажа неодамна најмладиот олимписки медалист по математика во Европа, Дамјан Давков од Штип, кој е познат во јавноста како штипскиот Питагора. Пред пет години, во време кога имаше 14 години, тој ја доби највисоката награда Осми ноември, која Општина Штип ја доделува на пет години.
Во неговиот роден Штип, успехот беше одбележан со свечен прием, каде што локалните власти му оддадоа признание за историскиот резултат и за промоцијата на градот и државата. Беше нагласено дека ваквите постигнувања се доказ за потенцијалот на младите и важноста од вложување во нивниот развој.
Светското натпреварување годинава ќе се одржи од 10 до 21 јули во Шангај, Кина.
(С. Бл.)












