Градинките во Општина Центар поскапеа, а родителите, од овој месец, ќе плаќаат повисока цена за престој на децата, откако месечниот надомест е зголемен за 47,6 проценти.

Според новата одлука ја донесе Советот на Општина Центар на последната седница, цената е покачена за 710 денари и наместо досегашните 1.490 денари, сега изнесува 2.200 денари месечно.

Од градинките веќе ги известиле родителите за новата цена, со напомена дека оние што нема да ја прифатат, ќе треба да ги отпишат децата. Во известувањата е наведено дека ќе се изготви анекс на договорите за користење на услугите, кои родителите треба да ги потпишат во рок од 30 дена.

Доколку не се согласат со новите услови, родителите имаат право да поднесат изјава за раскин на договорот и да го отпишат детето, под услов претходно да ги завршат сите обврски кон градинката, најдоцна во рок од 15 дена.

Зголемувањето на цените во Центар доаѓа откако дел од скопските општини веќе ги ревидираа ценовниците. Во Општина Карпош, ваква одлука беше донесена пред повеќе од една година, кога цената беше зголемена за 500 денари, по иницијатива на директорките на градинките поради зголемување на трошоците за храна.

ИЗДВОЕНИ