Водечките белгиски синдикати повикаа на дводневен генерален протест во петок и понеделник, поради што се очекуваат сериозни прекини во авионскиот и железничкиот сообраќај, како и во функционирањето на бројни јавни служби.
Најкритично ќе биде на аеродромот во Брисел, каде што за петок е веќе најавено откажување на околу 140 пристигнувања и заминувања откако компанијата за копнено опслужување соопшти дека се приклучува на штрајкот. Од друга страна, вториот по големина аеродром во земјата, оној во Шарлроа, засега planира да ги реализира сите предвидени летови.
Сообраќаен колапс се очекува и на пругите. Националниот железнички оператор SNCB објави дека од недела навечер до понеделник ќе воведе драстично намален возен ред поради одзивот на вработените. Покрај транспортот, штрајкот ќе ги зафати и јавниот градски превоз, образованието и комуналните служби за собирање отпад.
Зад масовните протести стојат Христијанскиот синдикат (CSC) и Социјалистичкиот синдикат (FGTB), кои заеднички го изразуваат револтот против буџетската политика на владата. Протестот во Брисел се очекува да мобилизира десетици илјади граѓани, подобно на оној во мај годинава кога на улиците излегоа меѓу 40.000 и 75.000 луѓе.
Причина за ваквите мерки се најавените заштеди. Владата на десниот центар, предводена од премиерот Барт Де Вевер, има цел да скрати 10 милијарди евра до 2029 година за да ги намали високиот јавен долг и дефицитот, а нацрт-буџетот мора да ѝ биде доставен на Европската комисија до 15 октомври.












