петок, септември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Софија прифаќа ЕУ да биде вклучена во разговорите со Македонија

Софија прифаќа ЕУ да биде вклучена во разговорите со Македонија

1

Бугарското МНР со реакција по изјавите на Муцунски

 

Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Северна Македонија, а процесот на пристапување на земјата е европско прашање – ова се наведува во ставот на бугарското Министерство за надворешни работи по повод изјавата на македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски дека земјава сака во разговорите со Софија да има посредник од Европската Унија.

Од бугарското МНР нагласуваат дека пристапувањето на земјава е прашање што треба да се разгледува во рамките на европските институции.

-Нашата земја ја поддржува работата на Европската комисија во текот на преговорите со сите земји-кандидатки, се наведува во ставот, при што се потсетува дека добрососедските односи се основен услов за напредок, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).

Во сложена глобална ситуација, повеќе земји-кандидатки бележат напредок, се наведува во ставот, а повторно се изразува очекување Македонија да ги исполни преземените обврски.

Во текстот, БНТ додава дека во интервју од Њујорк, министерот Муцунски изјави дека меѓу Софија и Скопје постои фундаментален недостиг на доверба и дека на Генералното собрание на ОН немало работни разговори меѓу македонската и бугарската делегација.

Реакцијата од Софија следува откако шефот на македонската дипломатија изјави дека за Македонија е важно Европската Унија да биде присутна во сите идни разговори со Бугарија. Во интервју за МИА, Муцунски истакна дека државата сака да напредува на патот кон ЕУ и конечно да добие можност за отворање на преговорите, но не е подготвена да прифати решение што нема да обезбеди предвидливост. Тој оцени дека е важно во идните разговори со Бугарија да биде вклучена и Европската Унија, без разлика дали преку земјите членки или преку европските институции, со цел да се изгради доверба која, според него, во моментов недостига.

-Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не и обезбедува предвидливост. Затоа за нас е значајно во сите разговори кои што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на ЕУ – вели во интервјуто Муцунски. (В.С.Н.) 

 

 

ИЗДВОЕНИ