Tретоодделенката Софи Божиновска, ученичка во ООУ „Лазо Трповски“ и членка на пливачкиот клуб „Вардар 2018“, постигна одличен успех на меѓународниот пливачки митинг „Орион куп“, кој се одржа на Олимпискиот базен во Скопје.
– Софи освои четири златни медали во четири дисциплини, а со своите резултати беше прогласена и за најуспешна пливачка во својата категорија. Бронзен медал освои и Дамјан Белевски, ученик во тоа училиште и член на македонската репрезентација во џиу-џица. На Балканското првенство во Бања Лука, Босна и Херцеговина, кое се одржа од 10 до 13 септември, Дамјан го освои третото место во категоријата борби U10 до 25 килограми, со само еден пораз во текот на натпреварувањето – соопштија од Општина Карпош.
Притоа, додаваат дека континуирано ги поддржуваат младите спортски таленти, преку логистичка и финансиска поддршка, и со гордост ги следат нивните успеси на домашните и на меѓународните натпреварувања.
Од Општина Карпош упатија честитки за Софи и за Дамјан, посакувајќи им уште многу медали, успеси и спортски достигнувања.












