понеделник, октомври 5, 2026
Дома СКОПСКА Град Скопје и скопските општини ги наградија најдобрите професори и наставници

Град Скопје и скопските општини ги наградија најдобрите професори и наставници

1

По повод 5 Октомври, Светскиот ден на учителот, Град Скопје и општините Кисела Вода и Аеродром ги наградија најуспешните наставници од основните училишта на својата територија.

– Секој од нас памети барем еден свој учител. Некој што го препознал нашиот талент, што имал трпение за нашите грешки и верувал во нас тогаш кога самите сме се сомневале. Некој чие „ти можеш“ ни дало храброст да направиме важен чекор во животот. Да се биде учител значи да се остави трага во нечие растење, во нечии соништа и во нечии успеси. Тоа е професија чија вредност живее во генерациите што излегуваат од училишните клупи и во сето добро што тие го создаваат. Зад нивните признанија стојат часови подготовка, постојано усовршување и искрена желба секој ученик да добие поквалитетно образование и можност да го покаже најдоброто од себе. На сите наградени им честитам од срце! Вашето знаење станува можност за младите, вашата посветеност е нивна инспирација, а вашиот личен пример ги учи што значи да се работи чесно, одговорно и со љубов – изјави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски на доделувањето признанија на професорите кои во изминатата година се истакнале со својата работа, посветеност и вложување во сопствениот професионален развој

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, им врачи признанија на 18 истакнати просветни работници, како потврда за нивниот исклучителен труд, стручност и посветеност во образовниот процес и едукацијата на најмладите.

Изборот се одвиваше транспарентно преку јавен оглас, од страна на стручна комисија, врз основа на постигнатите успеси на нивните ученици на државни натпревари и сертификатите за сопствено континуирано стручно усовршување.

– Сакав овој значаен ден, Светскиот ден на учителот, да го одбележиме токму вака, спонтано и неформално, бидејќи вашата работа секојдневно бара многу енергија и заслужувате вистински момент за опуштање. Ми претставува огромна чест што денеска седам со вас, луѓето кои се темелот на нашата иднина. Вие, со вашата работа, докажувате дека образованието не е само професија туку благородна мисија која се работи со многу љубов и трпение. Вашите успеси се директен доказ за посветеноста кон нашите деца. Општина Кисела Вода секогаш ќе го вреднува вистинскиот квалитет и останува ваш силен партнер во обезбедувањето подобри услови за работа – изјави Стаменкоска-Трајкоска, честитајќи им го празникот и заблагодарувајќи им се од срце за сè што прават за новите генерации.

Најдобрите наставници, пак, од осумте основни училишта во Општина Аеродром добија признанија и парични награди во висина од 10 илјади денари. Признанијата и наградите им ги врачи градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој им се заблагодари за нивната посветеност и за љубовта со која ја работат една од најблагородните професии и им посака уште многу поголеми успеси и достигнувања во нивната кариера.

 

ИЗДВОЕНИ