недела, септември 20, 2026
Дома КУЛТУРА „Федра“, од класична естетика до панк-бунт! Две театарски лица, две времиња –...

„Федра“, од класична естетика до панк-бунт! Две театарски лица, две времиња – моќен сценски експеримент на Дино Мустафиќ

1

Претставата претставува моќен сценски експеримент што ги спојува античкиот мит за Федра, класичната драматика и современиот театарски израз. Мустафиќ гради комплексен сценски диптих, а за основа ги зема текстовите на францускиот класицист Жан Расин и на современата британска авторка Сара Кејн („Љубовта на Федра“). Со ваквата временска и стилска поделба, тој мајсторски го искористува контрастот за да ја истражи антропологијата на човечката желба низ вековите – од возвишената трагедија до современата деструкција. Диптих-претставата ги спојува генерациите во публиката, нудејќи за секого различен агол на гледање

„Федра – антропологија на една желба“ е диптих-претставата во режија на истакнатиот босански режисер, Дино Мустафиќ, која премиерно беше изведена вчеравечер, во Драмски театар Скопје.

Претставата претставува моќен сценски експеримент што ги спојува античкиот мит за Федра, класичната драматика и современиот театарски израз. Мустафиќ гради комплексен сценски диптих, а за основа ги зема текстовите на францускиот класицист Жан Расин и на современата британска авторка Сара Кејн („Љубовта на Федра“).

Првиот дел од претставата, кој трае два часа, а се базира на текстот на Расин, нуди длабока, класична театарска естетика, но со современи сценографија и костимографија. Ја претставува деструктивната и забранета љубов на Федра (сопруга на атинскиот крал Тезеј) кон својот посинет син, Хиполит. Во овој дел особено блеснува актерката Јелена Жуѓиќ, која одлично и на места многу емотивно ја гради Федра, доловувајќи ја како трагична жртва на фаталната страст, растргната меѓу моралот и вината. Заедно со неа, во овој дел се истакнуваат и Дејан Лилиќ (Тезеј) и Нина Елзесер (Енона), кои со својата актерска прецизност и со суптилноста му даваат посебна тежина на класичниот драмски израз. Повозрасната публика особено може да се поврзе со оваа верзија. Во овој дел настапува и Леонардо Лазов (Хиполит), како и Ивана Павлаковиќ, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ.

Вториот дел, кој трае околу еден час, а се базира на бескомпромисниот текст на Сара Кејн, преминува во динамична и сурова театарска естетика. Главна тема се деструкцијата на современото општество, емоционалната празнина, нихилизмот, светот лишен од морал. Жуѓиќ продолжува да доминира и во современиот контекст, додека сценската енергија го достигнува врвот преку нагласената вокална и музичка подлога со одлична панк-рок естетика. Помладата публика ќе најде силен генерациски одек во оваа верзија, препознавајќи ги бунтот, отуѓеноста и урбаниот ритам на денешницата. Улогата на Тезеј во „Љубовта на Федра“ ја толкува Александар Степанулески, а Хиполит е Лазар Христов. Во овој дел играат и Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

Со ваквата временска и стилска поделба, Мустафиќ мајсторски го искористува контрастот за да ја истражи антропологијата на човечката желба низ вековите – од возвишената трагедија до современата деструкција.

Диптих-претставата ги спојува генерациите во публиката, нудејќи за секого различен агол на гледање.

На крајот, „Федра – антропологија на една желба“ остава силен впечаток како длабоко промислена и естетски заокружена театарска целина што ги спојува вековните прашања за страста и за љубовта. Публиката, иако престојуваше во Драмски речиси четири часа, со долг аплауз ги награди одличната актерска игра и режисерката визија.

Покрај Мустафиќ, останатата креативна екипа на претставата ја сочинуваат: Димче Николовски – асистент на режисерот, Драгутин Броз – сценографија, Антонија Гугинска-Јорданоска – костимографија, Влатко Стефановски – музика и Филип Петковски – сценски движења.

Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“, а фотограф е Драган Гајиќ.

Како што најавија од Драмски, по две-три изведби, претставите во иднина ќе се играат одделно на репертоарот на овој театар. (Н. И. Т.)

Фото: Драмски театар

ИЗДВОЕНИ